ЕУ воведува нов електронски систем за евиденција на влез и излез на границите — крај за пасошките печати

3

Советот на Европската унија и Европскиот парламент постигнаа договор за постепено воведување на Системот за влез/излез (ЕЕС), нов електронски механизам кој ќе го замени традиционалното ставање печати во пасошите при влез и излез од ЕУ. Договорот сега треба да биде официјално потврден од двете институции, по што Европската комисија ќе донесе одлука за точниот датум на започнување на имплементацијата.

Системот ќе се воведува постепено во рок од шест месеци и ќе важи за сите граѓани од трети земји — вклучително и оние кои имаат визна обврска и оние ослободени од визи — што влегуваат во ЕУ на краткорочни престои.

Како ќе функционира ЕЕС?

ЕЕС ќе ги евидентира точниот датум, време и место на влез и излез на граѓани од трети земји. Автоматски ќе го пресметува времетраењето на престојот и ќе издава предупредувања кога некој престојува подолго од дозволените 90 дена во период од 180 дена. Системот ќе обезбеди дигитална база на податоци достапна за сите земји-членки на ЕУ, што ќе го подобри надзорот и безбедноста на надворешните граници на Унијата.

Во првите два месеци од транзицијата, земјите-членки ќе може да го користат системот без биометриски податоци. Но, по три месеци, најмалку 50% од граничните премини ќе мора да ја вклучуваат и биометриската проверка — скенирање на отпечатоци и/или фотографирање на патниците. До крајот на преодниот период, биометриската регистрација ќе биде задолжителна на сите гранични премини.

Повеќе контрола и помалку злоупотреби

Новите мерки имаат цел да ја зголемат правната сигурност и ефикасноста во управувањето со миграцијата и патувањето во Шенген-зоната. Системот ќе им овозможи на властите точно да знаат кој ја напуштил ЕУ, а кој останал подолго од дозволеното.

Планираната имплементација беше првично предвидена за ноември 2023 година, но беше одложена поради неподготвеност на некои земји-членки. Сега, со договорот за постепено воведување, се очекува целосна функционалност до крајот на транзициониот период, кога печатите во пасошите ќе станат минато.

Makedonski