СДСМ: Синдикалната кошничка поскапела за 1.200 денари – Владата глува на реалноста на граѓаните
Според најновите податоци на Сојузот на синдикати, синдикалната минимална кошничка за едно четиричлено семејство е зголемена за повеќе од 1.200 денари само за еден месец. Организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски, денеска изјави дека трошоците за храна и пијалоци скокнале за 954 денари, што, според него, е директен удар по стандардот на граѓаните.
„Основните намирници стануваат луксуз, а платите не мрдаат. Денес, за едно четиричлено семејство се потребни речиси 63.000 денари месечно само за да преживее. Три минимални плати се неопходни за да се издржи месецот“, истакна Костовски.
Тој ја обвини Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ дека не презема никакви мерки за справување со растечката сиромаштија, додека, како што рече, функционерите живеат „во свет на луксуз – папаја, манго, октоподи“.
Додека граѓаните се задолжуваат за да преживеат, СОЗР во април и мај склучила милионски договори за набавка на луксузни јадења – лосос, школки, лигњи. Ова што го прави Владата не е политика, туку грабеж на народот.
рече Костовски.
СДСМ побара итно прифаќање на нивните предлози:
-
Зголемување на минималната плата на 500 евра.
-
Зголемување на платите во јавниот и приватниот сектор.
-
Укинување на ДДВ за основните прехранбени производи.
„Не може народот да гладува додека министрите се гоштеваат на државна сметка. СДСМ е со граѓаните и ќе продолжиме да се бориме за достоинствен живот“, заклучи Костовски.