Ова се сите досегашни финалиња и победници: Од Вардар па до Тиквеш…
Вечерва во 20 часот на Националната Арена “Тодор Проески“ во Скопје, ќе се одигра 32.финале во Купот на Македонија. Се среќаваат Вардар и Струга ТЛ, два клуба, два тима кои и тоа како имаат квалитет во себе ова финале да го направат спектакуларно во играчка смисла.
Вардар е нашиот најтрофеен клуб, а Струга ТЛ довчерашен шампион. Вардар го посакува својот шести трофеј и тоа по пауза од цели 18 години, Струга ТЛ својот прв откако пред две години, во таа 2023 беше поразена своето прво финале од Македонија ЃП на пенали.
Сите сме во очекување на мечот на годината, а тоа е финалето на Купот на Македонија, натпревар во кој за големиот пехар битка ќе водат, како што споменавме, Вардар и Струга ТЛ.
Ова ќе биде 32. финале, тоа во 2020 не се одигра поради Ковид – кризата, а се започна во далечната 1993 година кога, тогаш на Градски, пред 20.000 и повеќе гледачи, Вардар со голот на Савов во 86.минута го победи Пелистер со 1:0 и се радуваше на првиот трофеј во Купот во самостојна Македонија. Следуваа 31 финални мечеви. Имаше спектакли како оној во 2004 година, кога Цементарница, во блескаво финале, по 4:4, победи на пенали.