Бастрикин: 20.000 нови руски државјани испратени на фронтот во Украина

3

Шефот на Истражниот комитет на Русија, Александар Бастрикин, на Меѓународниот правен форум во Санкт Петербург изјави дека 20.000 лица кои добиле руско државјанство веќе се испратени да се борат во Украина, претежно мигранти од Централна Азија.

„Веќе 20 илјади ‘млади’ граѓани на Русија, кои од некоја причина не сакаат да живеат во Узбекистан, Таџикистан, Киргистан, се на првите редови на бојното поле“, рече Бастрикин.

Тој посочи дека за време на неодамнешни рации биле идентификувани повеќе од 80.000 мигранти кои стекнале руски пасош, но не отслужиле во армијата. Сите тие, според него, се веќе евидентирани во регионалните воени служби.

Овие изјави доаѓаат во контекст на зголемени напори на Кремљ за пополнување на воените редови. Според рускиот портал Инфо24, руската армија секој месец се засилува со 50 до 60 илјади волонтери.

Паралелно, рускиот претседател Владимир Путин тврди дека во Украина состојбата е драматично поинаква, обвинувајќи ги властите во Киев за присилна мобилизација: „Украинците, како кучиња, се фаќаат на улица и се испраќаат во војска“, рече тој.

Изјавите на Бастрикин се гледаат како дел од широка стратегија на официјална Москва за искористување на новостекнатите државјани, пред сè од мигрантско потекло, за ангажман на фронтот, особено во услови на зголемени воени потреби и намалено расположение за доброволна мобилизација кај руското население.

Makedonski