Брисел размислува за нова такса од 2 евра по пратка за онлајн-нарачки од Кина

4

Европската комисија планира воведување такса од 2 евра по пратка за производи купени преку онлајн-платформи надвор од ЕУ, како што се популарните кинески сајтови „Шеин“ и „Тему“. Овој предлог, наречен „управувачка такса“, е насочен кон справување со огромниот прилив на евтини пакети кои ја преоптоваруваат царинската инфраструктура во Унијата.

Како што изјави Марош Шефчовиќ, комесар за трговија и економска безбедност, ова не е данок, туку „надомест за трошоци кои произлегуваат од обработката на 4,6 милијарди пратки годишно“.

Според предлогот:

  • За пакети што се испраќаат директно до корисниците ќе се наплатува 2 евра,

  • За пратки што доаѓаат во магацини – 0,50 евра.

Повеќе од 90% од овие пратки доаѓаат од Кина, а само Холандија и Белгија минатата година примиле над една милијарда пакети, според податоци на Фајненшл тајмс.

Средствата од таксата ќе се користат за:

  • Финансирање на дополнителни царински проверки,

  • Поддршка на буџетот на ЕУ.

Шефчовиќ предупреди дека преку малите пратки сè почесто влегуваат небезбедни и неквалитетни производи, а европските трговци се жалат на нелојална конкуренција од платформите кои ја заобиколуваат царинската и ДДВ регулатива.

Германската европратеничка Ана Кавацини од Зелените ја поддржа иницијативата, нагласувајќи дека ќе се олесни инспекцијата на поголеми пратки и ќе се поттикне враќањето на складирањето на ниво на ЕУ.

Оваа мерка е дел од поширок пакет реформи на царинските правила, во кој се вклучува и укинување на сегашното ослободување од царина за пратки под 150 евра. Тоа значи дека платформите ќе мора да се регистрираат за ДДВ и да преземат одговорност како увозници, со што ќе се гарантира поголема усогласеност со европските стандарди.

Официјален коментар од „Шеин“ и „Тему“ сè уште нема.

Makedonski