Сè уште не е изграден ветениот кружен тек во Ѓорче Петров

4

 

Факт е дека Град Скопје и Општина Ѓорче Петров имаа три и пол години  да го изградат кружниот тек меѓу улиците „Ѓорче Петров“ и „Македонска војска“. Дури и под претпоставка сега да отпочнат активности за негова изградба, речиси е невозможно ова предизборно ветување да се реализира до крајот на мандатите на Арсовска и Стојкоски, пишува Вистиномер во текстот кој го пренесуваме во целост.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во својата предизборна програма за локалните избори (октомври 2021 г.), вети изградба на:

КРУЖЕН ТЕК НА УЛ. МАКЕДОНСКА ВОЈСКА И УЛ. ЃОРЧЕ ПЕТРОВ

[Извор: Програма на Данела Арсовска „За модерно Скопје“ (стр. 34); Датум: октомври 2021]

Во кампањата за време на локалните избори во 2021 г. истиот кружен тек го најави и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски

Ветување: ПРОЕКТ – ПРОЕКТИРАЊЕ И ИЗГРАДБА НА КРУЖЕН ТЕК НА КРСТОСНИЦАТА НА УЛ. „ЃОРЧЕ ПЕТРОВ“ И БУЛЕВАРОТ „МАКЕДОНСКА ВОЈСКА“
Опис: Со цел подобрување на сообраќајот и зголемување на безбедноста на граѓаните, Градот Скопје ќе изгради нов кружен тек на крстосницата на булеварот „Македонска Војска“ и ул. „Ѓорче Петров“.

Рок: 2025 година.

[Извор: Програма на Александар Стојкоски: „За Ѓорче Петров гарантираме – Создади нова иднина“ (стр.21); Датум: октомври 2021]


Образложение
:

Актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски го ветија овој кружен тек пред три и пол, но досега (21.05.2025) тој не е изграден.

На терен може да се забележи дека сè уште нема никаква промена на крстосницата меѓу улиците „Ѓорче Петров“ и „Македонска војска“, сообраќајот и натаму се регулира со семафор. Тоа може да се види и од фотографиите подолу кои „Вистиномер“ ги направи на споменатата крстосница на 21.05.2025 година.

Инаку, на почетокот на 2023 г. од Град Скопје информираа дека започнало проектирањето на кружниот тек.

Градот Скопје отпочна со проектирање на два важни проекти ветени во програмата За модерно Скопје, за изградба на нов кружен тек и булеварско решение на “Македонска Војска” во Ѓорче Петров. Нов кружен тек на важната крстосница под надлежност на Град Скопје меѓу булевар “Македонска војска“ и улица „Ѓорче Петров“…

Со проектот планирана е изградба на кружен тек и коловозна површина од 11.700 метри квадратни, изградба на нова велосипедска мрежа од 2.700 метри квадратни и пешачка патека од 4.100 метри квадратни, пишува во објавата на Град Скопје од 17 февруари 2023 година.

Во септември минатата година, пак, од Град Скопје објавија дека до Министерството за локална самоуправа доставиле проекти за јавниот повик за поддршка на инфраструктурни проекти, финансирани со пари од унгарскиот кредит.

Поднесени се 20 проекти во повеќе области со фокус на подобрување на јавниот превоз, развој на градската патна инфраструктура, противпожарната заштита, јавната хигиена, информациски технологии и дигитализација, како и од областа на културата, пишува во објавата на веб-страницата на Град Скопје.

Меѓу дваесетте проекти се наоѓа и ветениот кружен тек во Општина Ѓорче Петров.

Еден месец подоцна, Арсовска на својот Фејсбук профил објави дека Владата одлучила да не додели средства за проектите за кои аплицираше Град Скопје.

Одлуката на Владата на Р. Македонија да не додели средства за проектите за кои аплицираше градот Скопје уште еднаш ја потврдува секташката ментална состојба на владата предводена од Христијан Мицкоски.

Со оваа одлука докажа дека неговата суета е поважна од било која потреба на граѓаните, а со неистомислениците се пресметува со сегрегација и политички прогон, докажувајќи дека нема никаков демократски ни лидерски капацитет. Спротивно на ветувањата дека од средствата од унгарскиот кредит ќе се финансираат проекти во сите општини, без разлика на политичката определба на раководствата на локалните самоуправи, со вчерашната одлука се потврди за неточна. Единствено се потврди очекуваното секташко однесување на Мицкоски кое е насочено кон пресметки со неистомислениците и за кој државата,  граѓаните и нивните потреби се очигледно на последно место, пишува Арсовска на својот Фејсбук профил.

Но, без разлика дали навистина се работи за „суетата на премиерот“ или за политички реваншизам од страна на Владата, како што се пожали Арсовска, ова ветување е дадено неколку години пред воопшто Владата да го oбјави повикот за проекти финансирани од унгарскиот кредит. Фактички, ветувањето е дадено три години пред да се формира Владата предводена од Мицкоски, па „политичките пресметки со неистомислениците“, не може да се користат како изговор зошто истото досега не е исполнето.

Исто така, треба да се напомене и тоа дека на официјалната веб-страница на Општина Ѓорче Петров (чиј градоначалник е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ) не успеавме  да најдеме никакви информации во врска со проектот изградба на нов кружен тек на крстосницата на сообраќајниците „Македонска војска“ и „Ѓорче Петров“.

Факт е дека Град Скопје и Општина Ѓорче Петров имаа три и пол години да го изградат кружниот тек меѓу улиците „Ѓорче Петров“ и „Македонска војска“. Дури и под претпоставка сега да отпочнат активности за негова изградба, речиси е невозможно ова предизборно ветување да се реализира до крајот на мандатите на Арсовска и Стојкоски.

Па, имајќи предвид дека на крстосницата меѓу двете сообраќајници во Општина Ѓорче Петров сè уште нема кружен тек, ова предизборно ветување на Арсовска и Стојкоски оценуваме како неисполнето.

******

„Изградба на кружен тек на улиците „Ѓорче Петров“ и „Македонска војска“ “, пред десетина години, поточно за локалните избори во 2013 година, ветуваше и тогашниот градоначалник на Општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски во неговата  изборната програма (2013-2017) „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Општина Ѓорче Петров“ (Транспорт стр. 59), но не успеа да го реализира

Извори:

Пишува: Матеј Тројачанец

Makedonski