Потпишување на Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство
Договорот за стратешко партнерство меѓу владите на Република Македонија и на Обединетото Кралство, со кој земјава добива на располагање историски најголем обем на средства од пет милијарди фунти за реализација на капитални проекти, ќе биде потпишан денеска во Лондон.
Договорот ќе го потпишат вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и британскиот министер за економија и извоз Герет Томас, јави известувачот на МИА од Лондон.
Посетата на британската престолнина Николоски кој предводи владината делегација во која се и потпретседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, министерката за образование Весна Јаневска и директорот на ЈП за Железничка Инфраструктура Синиша Ивановски, официјално ја започна вчера со средба со претставници на Инструментот за поддршка на надворешното финансирање (УКЕФ) во британското Министерство за финансии.
-Можам со задоволство да кажам дека овие пет милијарди фунти или шест милијарди евра по овој состанок и дефинитивно се ставени на располагање на Македонија. Може да се користат за проектно финансирање, врзани се со проекти, што значи дека ќе носат додадена вредност за Македонија, изјави Николоски по средбата.
Тој потсети дека станува збор за проекти во делот на транспортот, здравството, образованието, енергетиката, технологијата, како и во областа на животната средина. Досега е разговарано за три сета на проекти што се веќе потврдени – брзата пруга на Коридор 10, од Табановце до Гевгелија, потоа изградбата на болниците во Кичево, Тетово и во Штип, и третиот изградба на медицински факултет и студентски дом во Штип.