Галичник ќе пречекува сватови со „свлечени“ патишта – државата не реагира
Како што сите знаеме манифестацијата „Галичка Свадба“ е ако не најголем тогаш еден од најголемите настани во Македонија каде што на едно место се збира скоро целиот свет.
„Галичка Свадба“ е традиционална културно-фолклорна манифестација која се одржува секој јули во селото Галичник, во западниот дел на Македонија. Оваа манифестација претставува еден вид реконструкција на старите галички свадбени обичаи, со цел да се зачува и промовира македонското народно и културно наследство.
Главното внимание е насочено кон процесот на традиционалната свадба според обичаите од Галичник, со автентични носии, свадбени песни, ора и ритуали што се изведуваат во текот на викендот. Посебен акцент има на обичајот на „земање невеста“, настапот на зурли и тапани, и „плачот на невестата“, што ја симболизира разделбата со родителскиот дом.
Секоја година се избира еден пар што вистински стапува во брак, а нивната венчавка станува дел од манифестацијата, што привлекува бројни посетители, туристи и медиуми од целиот свет.
Мора да се нагласи дека главен покровител на оваа манифестација покрај министерството за култура е и институцијата „Претседател на Р.С. Македонија“ со што на целата организација дава еден вид тежина и сериозност. НО…
Пред неколку дена за време на секојдневните врнежи од дожд што ги зафатија скоро целата територија на Македонија активирано е свлечиште или според инженерите од АРМ и Општина Маврово и Ростуше, одрон токму на самиот пат кон селото Галичник со што единствениот асфалтен пат во моментов е излизган и претставува опасност за оној кој го користи или сака да оди со моторно возило до Галичник.
Особено што селото е живо плус во Галичник функционира и хотелски капацитет кој пак не известува дека токму за манифестацијата „Галичка Свадба“ е целосно пополнет.
Извесен период мештаните како и сопствениците на хотелот секојдневно реагираат за да се санира сериозно оштетениот пат кон Галичник првенствено за да се оспособи и овозможи на луѓето непречено да ги извршуваат своите секојдневни работи, а со тоа и да се подготвува за претстојната голема манифестација која прима гости од целиот свет.
До денеска решение нема, санација воопшто, а нема ниту известување дека процесот на санација некогаш и ќе започне.
Дали Македонија во ваква фактичка состојба и со овие слики ќе ги „пречекува сватовите“ на Галичката свадба?
Жителите загрижени, сместувачките капацитети во грч, а институциите мува не ги лази. До кога?