Разрешување и преструктуирање во АА: Таравари ја чисти партијата, избран нов претседател на Собранието

4

На вонредното собрание на Алијансата за Албанците од крилото на Арбен Таравари, беше разрешен досегашниот претседател на Собранието на партијата, Арбен Фетаи. За нов претседател беше избран Назим Таипи. Според Таравари, иницијативата за состанокот потекнала од две третини од членовите на партиското собрание.

Овој потег доаѓа откако дел од високите функционери на партијата се спротивставија на одлуката на Таравари да ја напушти Владата и коалицијата „Влен“.

Исклучивме и некои членови на претседателството кои веќе јавно се изјаснуваат против Алијансата за Албанците. Станува збор за осум од вкупно 46 членови.

изјави Таравари, додавајќи дека „Централното претседателство и Собранието продолжуваат со мнозинство“. За пратеничката Мимоза Муса не е донесена одлука, бидејќи, како што рече, не е јасна нејзината позиција дали останува со АА или со „Влен“.

Таравари оцени дека по овие промени, партијата е „почиста“, бидејќи, според него, ја напуштиле оние што биле фокусирани исклучиво на власт.

По заминувањето на оние кои беа заинтересирани само за функција, Алијансата за Албанците ќе расте силно и ќе стане водечка политичка сила во иднина.

порача Арбен Таравари.

На вонредното собрание била потврдена и одлуката за излегување од Владата и самостоен настап на локалните избори во октомври. Сепак, Таравари најави соработка со други албански партии на локално ниво.

„Во Битола, Кичево, Брвеница, Чашка, Преспа, Бутел – ќе соработуваме и со ДУИ и со ‘Влен’. Тоа е во интерес на Албанците. Во другите општини ќе одлучиме дополнително. Исклучуваме соработка само со Левица“, изјави Таравари.

Makedonski