СДСМ: МВР доделило сомнителен тендер од 4 милиони евра на фирми без капацитети
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) обвини дека Министерството за внатрешни работи (МВР) доделило сомнителен тендер во вредност од речиси 4 милиони евра на две компании без релевантно искуство и капацитети.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција истакна дека еден од договорите бил доделен на фирмата „Ле Бранд Дизајн“ од Битола – модно студио со годишен приход од околу 20.000 евра и само двајца вработени. Таа фирма, како што нагласи Кузеска, добила тендер од над 2 милиони евра за шиење специјални полициски униформи.
До вчера двајца вработени шиеја фустани, а денес треба да опремат специјални полициски единици! Кој е овде наивен?
праша Кузеска.
Вториот договор, во вредност од 1,71 милион евра, според СДСМ, му бил доделен на фирмата „Памитекс Тим“, регистрирана само 20 дена пред распишувањето на тендерот. Фирмата, според партијата, нема веб-страница, нема историја на учество на јавни набавки и нема транспарентност.
МВР ги отстранило сите критериуми што би овозможиле правична конкуренција – нема услов за претходно искуство, нема барања за минимални приходи, нема проверка на реални капацитети.
обвини Кузеска.
СДСМ го повика министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, да одговори:
-
Кој навистина ќе ги шие униформите?
-
Каде ќе завршат парите на граѓаните?
-
Кој ќе одговара ако униформите не стигнат, не се квалитетни или се неупотребливи за специјалците?
Партијата побара Јавното обвинителство итно да отвори постапка за можни злоупотреби на службена положба, местење тендер и перење пари. СДСМ исто така бара поништување на постојниот тендер и отворање транспарентна и фер постапка.