Евалуација на повредените од пожарот во „Пулс“: Заздравувањето ќе трае со години
Специјалистите од скопските клиники ја завршија првата евалуација на здравствената состојба на лицата повредени во катастрофалниот пожар што се случи во фитнес-центарот „Пулс“ во Кочани.
На преглед биле повикани повеќе од 110 пациенти, од кои дел се лекуваа во странство, а дел продолжија со третман во домашни здравствени установи. Прегледот го извршиле тимови од различни специјалности, а како што информираат здравствените власти, во наредниот период ќе биде изготвен детален извештај што ќе ја опфати здравствената состојба на сите повредени.
Според досегашните наоди, кај околу 40 пациенти е утврдено дека имаат потреба од физикална терапија поради ограничена подвижност во зглобовите, додека кај 70 лица продолжува интензивната нега на изгорениците преку редовни преврски.
Медицинските експерти предупредуваат дека заздравувањето кај дел од пациентите ќе биде долг и сложен процес кој ќе трае со години. Особено е важно, велат, повредените строго да се придржуваат до препораките – да избегнуваат директна изложеност на сонце и други надворешни влијанија што може да предизвикаат дополнителни компликации.
Центарот за ментално здравје веќе работи на обезбедување психосоцијална поддршка за повредените и нивните семејства, со цел да се олесни справувањето со траумите од настанот.