Кинотеката доби вредна донација од семејството на Кирил Ценевски
Кинотеката на Македонија доби значајна донација од семејството на легендарниот македонски режисер Кирил Ценевски (1943–2019), еден од највлијателните автори во историјата на македонската кинематографија.
Семејството на Ценевски ѝ предаде на Кинотеката дел од неговите највредни награди и признанија, кои се изложени во фоајето до киносалата – на место каде што авторот, симболично и суштински, припаѓа: близу до филмот и публиката.
Меѓу изложените признанија се:
-
Златна арена за режија од Филмскиот фестивал во Пула (1971),
-
„Жар птица“ за најдобар дебитант на Меѓународниот фестивал во Москва (1971),
-
Признание од Американската филмска академија за филмот „Црно семе“ – југословенски кандидат за Оскар (1972),
-
Специјална награда од жирито на фестивалот во Карлови Вари за „Јад“ (1976),
-
Награда C.I.D.A.L.C. за „Оловна бригада“ (1980),
-
„Златен објектив“ од Кинотеката (2013) и
-
„Голема ѕвезда на македонскиот филм“, признание за животно дело доделено на фестивалот „Браќа Манаки“ (2013).
Кирил Ценевски се смета за уникатна фигура во македонската и поранешно-југословенската кинематографија. Студирал архитектура во Скопје, но уште како студент се вклучил во киноаматеризмот. Подоцна, магистрирал на Универзитетот во Јужна Калифорнија во Лос Анџелес.
Дебитантскиот игран филм „Црно семе“ (1971) веднаш го вброи меѓу врвот на југословенските автори, со меѓународни награди и признанија. Следуваат „Јад“ (1975), „Оловна бригада“ (1980), „Јазол“ (1985), документарните „Џафра“ и „Хуаскаран – Анди’82“, како и серија поетски портрети на добитници на „Златен венец“ од Струшките вечери на поезијата.
„Кирил Ценевски беше бунтовникот на македонската кинематографија – автор кој ги надмина современиците и ги помести границите на филмската уметност.
стоеше во медиумите по повод неговото заминување.
Ценевски остави траен белег во македонската културна историја, а по неговото заминување во 2019 година, Кинотеката го објави ДВД со дигитално реставрирани верзии на неговите четири играни филмови.