Кривични пријави против поранешен директор и службеник во М-НАВ за злоупотреби со јавни набавки
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство против поранешниот извршен директор на секторот за воздухопловна техника при М-НАВ, В.К., како и против Б.А., в.д. раководител на одделението за јавни набавки, поради сомнежи за злоупотреба на службена положба и несовесно работење.
Според информациите од Финансиската полиција, В.К. во текот на 2022 година ја злоупотребил својата функција така што незаконски споил две различни јавни набавки – набавка на софтверско решение за управување со документи и физичко и електронско архивирање на документи – во еден тендер.
Дополнително, тој во тендерската документација внел дискриминирачки и несразмерни услови, со што, според Финансиската полиција, се повредени начелата на сразмерност и конкуренција од Законот за јавни набавки. Условите биле насочени претежно кон физичкото архивирање, иако тендерот главно се однесувал на софтверско решение, со што практично се ограничил пристапот на потенцијални конкуренти.
Второпријавената Б.А., иако била свесна за незаконитоста на тендерската документација, ја објавила на електронскиот систем за јавни набавки, дозволувајќи постапката да се спроведе.
Со ваквото постапување, според пријавата, е нанесена штета од 1.493.433 денари на буџетот на М-НАВ, а истовремено била обезбедена корист за приватната фирма „Контего“ ДОО Скопје, со која бил склучен договор.
Финансиската полиција бара од Обвинителството да преземе натамошни дејствија за утврдување на одговорноста на пријавените лица.