Филипче бара лидерска средба за консензус за ЕУ: Мицкоски ја одбил без да го сослуша
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по денешната седница на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието, повторно упати повик за лидерска средба, изразувајќи жалење што премиерот Христијан Мицкоски ја одбил иницијативата без да го сослуша образложението.
Кога зборуваме за прашања како национален консензус, особено во мултинационална и мултикултурна држава, мораме да пристапиме сериозно.
рече Филипче, нагласувајќи ја потребата од подетална дебата за некои аспекти на евроинтегративниот процес – особено работата на историската комисија и толкувањето на Протоколите.
Според него, не постои условеност од комисијата за напредокот во преговорите со ЕУ, туку напротив – одлуките се носат со консензус меѓу владите.
Можеби различно читаме одредени делови од протоколите. Ако постои перцепција дека историската комисија е пречка, тоа треба да го расчистиме. Таму нема условување – владите ја охрабруваат работата на комисијата, но не ја условуваат со други елементи од процесот“,
посочи тој.
Како можен чекор напред, Филипче предложи вклучување на странски експерти во работата на историската комисија, по моделот на соработка меѓу земји како Германија и Полска.
Тој изјави дека не е детално запознаен со предлогот на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, но дека СДСМ ќе поддржи се што значи напредок во евроинтеграциите.
Филипче ги потенцираше и пораките од ЕУ – посебно од Шарл Мишел и Каја Калас – за важноста на забрзувањето на преговорите и фати чекор со Албанија и Црна Гора, кои напредуваат побрзо.
„Ќе продолжам да бидам конструктивен и да повикувам на заеднички пристап. Ова е време кога мораме да разговараме, да не го пропуштиме моментот“, заклучи Филипче, најавувајќи дека ќе продолжи да инсистира на одржување на лидерска средба за важните државни прашања.