Денеска три продолженија на собраниски седници

4

Предлог на закон за изменување на Законот за заштита од вознемирување на работно место, во прво читање е единстената заостаната точка на дневниот ред на 49-та седница.

На дневниот ред на 22. седница се останати Извештајот на Европската комисија за Македонија за 2024 година, предлогот за разрешување на членови на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Македонија и предлогот на декларација за признавање на државата Палестина.

На продолжението на 41. седница треба да бидат ратификувани Протоколот за изменување и дополнување на Конвенцијата за кривичните дела и некои други акти извршени во воздухоплови, Протоколот за дополнување на Конвенцијата за сузбивање на незаконито грабнување на воздухоплови, Конвенција за спречување на незаконски дејствија поврзани со меѓународното цивилно воздухопловство, Факултативниот протокол на Конвенцијата за правата на детето за постапка по претставки и предлог на закон за ратификација на измената на Конвенцијата за оцена на влијанието врз животната средина во прекуграничен контекст усвоен во Софија, на 27 февруари 2001 година и втората измена на Конвенцијата за оцена на влијанието врз животната средина во прекуграничен контекст усвоен во Цавтат, на 4 јуни 2004 година, како и изменување на Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, во прво читање.

Во Собранието денеска ќе заседаваат Комисијата за образование, наука и спорт, Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика и Советот на Собранискиот канал.

На дневен ред на Комисијата за образование, наука и спорт е амандманската расправа по предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование за кого поднесени се четири амандмани, предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование за кого се поднесени девет амандмани и предлог на законот за изменување на Законот за високото образование за кого е поднесен еден амандман, сите во второ читање.

Пред членовите на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика се предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност и предлог на законот за изменување на Законот за приватните агенции за вработување, и двата во прво читање.

На Советот на Собранискиот канал се предлог Годишната програма за содржината на програмите и предлог Годишниот план за видот и содржината на програмата за работа на Советот на Собраниски канал за 2026 година, предлог Финансискиот и инвестиционен план за 2026 година и Разгледувањето на следните правилници и упатство: Правилникот за начинот на вршење на телевизиски преноси/аудио и видео снимање на седниците на Собранието на Македонија и неговите работни тела; Правилникот за професионални стандарди и етички начела при продукција на програма; Упатството за начинот на користење и чување на опремата во Собраниското ТВ студио.

Makedonski