Холандските разузнавачи: Руска хакерска група стои зад сајбер напади врз НАТО, полицијата и ЕУ држави

4

Непозната руска хакерска група, наречена „Ландри Бер“, е одговорна за серија сајбер напади врз холандската полиција, НАТО и неколку европски институции, соопштија денес холандските безбедносни служби.

Според заедничкото писмо до парламентот, групата делува поддржана од руската држава и претставува дел од широка и координирана меѓународна сајбер закана.

Холандските служби за општа и воена безбедност информираат дека групата незабележано оперирала сè до септември 2024 година, кога била откриена за време на хакерска операција насочена кон прибирање доверливи податоци од холандската полиција.

Цели: полиција, НАТО и високотехнолошки компании

„Ландри Бер“ не се ограничила само на институции – изведувала сајбер шпионажа и врз компании кои произведуваат софистицирана технологија, до која Русија има ограничен пристап поради западните санкции воведени по инвазијата врз Украина.

Целта, според холандските власти, била да се соберат информации поврзани со набавка, производство и испорака на воена опрема од Западот за Украина.

Операции од 2024 година наваму

Истрагата покажала дека активностите на групата започнале најрано во 2024 година и биле насочени против влади, институции и одбранбени сектори во повеќе западни земји.

Холандските служби го оценуваат случајот како сериозна безбедносна закана, а резултатите од истрагата веќе се споделени со партнерски разузнавачки агенции во ЕУ и НАТО.

Makedonski