Електрични автомобили достапни за изнајмување во Скопје: 22 денари по километар

4

Од денес, жителите на Скопје добија нова можност за еколошко и економично движење низ градот. Словенечката компанија „Авант Кар“ официјално ја започна својата услуга за изнајмување електрични автомобили, при што на располагање се ставени 100 електрични возила, распоредени на посебни, однапред определени паркинг локации низ градот.

Цената за користење изнесува 22 денари по изминат километар, додека времето на мирување се наплатува 5 денари по минута. Услугата е достапна преку мобилна апликација, која е веќе активна и подготвена за преземање од страна на заинтересираните корисници.

Промоција со владини претставници

Проектот беше промовиран пред Владата на РСМ, каде првите возења ги направија министерката за енергетика Сања Божиновска и министерот за животна средина Изет Меџити. Тие пристигнаа со одделни електрични автомобили и беа пречекани од сопственикот на „Авант Кар“, Матеј Чер.

Денес направивме мал, но значаен чекор за одржлива иднина. Со оваа услуга ќе има помалку паркирани возила, помалку бучава и без загадување.

изјави Чер, додавајќи дека целта е бројот на возила за изнајмување да порасне на 1000 во наредните две до три години, а услугата да се прошири и во други македонски градови.

Поддршка од институциите

Министерот Меџити го поздрави проектот како важен чекор за почиста и поспокојна урбана средина, а министерката Божиновска истакна дека електричните автомобили особено ќе бидат привлечни за младите. Таа најави дека ќе се работи на отворање паркинг-локации во близина на универзитетите и упати повик до градоначалниците да се вклучат во процесот на определување соодветна инфраструктура.

Makedonski