Стојанче Ангелов: ДЗС во агонија – недостиг на опрема, пилоти, договори и обука
Новоназначениот директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, денеска ја презеде функцијата и пред новинарите отворено зборуваше за критичната состојба во институцијата.
Институцијата со години се соочува со агонија – нема доволно опрема, обучен кадар, инспектори, пилоти, па дури ни потпишани договори со тимовите за брз одговор.
изјави Ангелов, додавајќи дека три „ер трактори“ сè уште се на сервис, но се надева дека ќе бидат во функција до почетокот на летната сезона.
Подготвеноста за пожари е под знак прашалник
Посебно алармантен е недостигот на договори со тимовите за гасење пожари на отворен простор, како и сомнежи за исправноста на дозволите што ги издава самата Дирекција. Ангелов призна дека постои недостаток и во физичката подготвеност на кадарот, како и во обуките и материјалните ресурси.
„Ќе работам со сите што ќе покажат амбиција, со цел да ја вратиме ДЗС во полна функција“, нагласи тој.
Наскоро спојување со ЦУК?
Ангелов се осврна и на иницијативата за спојување на ДЗС и Центарот за управување со кризи (ЦУК) во една институција, велејќи дека токму од новата позиција ќе може одвнатре да ги анализира реалните капацитети и слабости.
Системот за менаџирање со кризи е сложен и вклучува повеќе институции и закони. Затоа досега се одолговлекуваше оваа реформа.
изјави Ангелов.
Тој претходно ја предаде функцијата директор на ЦУК на Мухамед Аљи, кој пак доаѓа токму од редовите на ДЗС.