Почна евалуацијата на понудите на тендерот за изградба на регионалната депонија во Свети Николе

4

 

Понудите на компаниите кои се пријавиле на тендерот за изградба на првата регионална депонија по европски стандарди во земјава во селото Мечкуевци близу Свети Николе се отворени и започната е нивната евалуација. Во текот на следните 90 дена, комисија составена од двајца претставници на Министерството за животна средина и тројца на општините од двата региони кои ги покрива оваа депонија, Источниот и Североисточниот, ќе треба да ги разгледаат простигнатите понуди и да го направат изборот на компанијата.

Рокот за доставување понуди на компаниите заинтересирани да ја градат депонијата во Свети Николе заврши пред десетина дена, а отварањето беше минатата недела во Министерството за финансии. Во моментов не се знае колку компании доставиле понуда, дали меѓу нив има конзорциуми и дали од нив се дел и некои домашни компании, дали понудувачите ги искористиле двете продолжувања на роковите за доставата и дали нивните понуди се комплетни.

Од Министерството за животна средина велат дека сите овие информации се доверливи, но и дека се надеваат дека евалуацијата ќе заврши во рокот, дека нема да има нови одложувања и дека договорот ќе биде потпишан есенва.

„Рокот за доставување на понудите во тендерската постапка за изведувач на работите за изградба на регионална депонија кај село Мечкуевци, Светиниколско заврши на 16 мај, а по седум дена беше јавното отварање на понудите. Следи период од 90 дена за евалуација на истите. Сите останати прашања се доверливи додека трае постапката. Тендерот се спроведува во Министерството за финансии“, информираат од Министерството.

Депонијата во Свети Николе ќе биде првата од предвидените пет регионални депонии, со кои, според европски стандарди ќе треба да се третира отпадот во земјава. Освен таа во Свети Николе, такви се и депонијата Русино за Полошкиот регион, депонијата Мегленци во Општина Новаци за Пелагонискиот и Југозападниот регион, депонијата Доброшинци за Вардарскиот и Југоисточниот регион и скопската Дрисла.

Според проектот во Мечкуевци, Свети Николе ќе се гради една централна постројка за управување со отпад, како и шест претоварни станици во Куманово, Ранковце, Штип, Виница, Македонска Каменица и во Берово. Центарот ќе треба да опслужува околу 370.000 лица од кои се генерира отпад од околу 112.094 тони годишно. Изградбата на претоварните станици и регионалната депонија ќе се одвива паралелно, а додека не се изгради во овие два региона ќе се работи на затворање на повеќе од сто диви и нестандардни депонии и ѓубришта, кои во зависност од количината на отпадот, ќе подлежат на различни начини на ремедијација. Од ѓубриштата на кои има помалку од 3.000 кубни метри отпад ѓубрето ќе се премести на некоја од другите депонии, онаму каде има до 10.000 кубни метри отпад планирано е затворање и покривање без систем за собирање на биогасот, додека поголемите депонии ќе се затвораат со систем за собирање на биогасот. Проектот е вреден околу 10 милиони евра.

Makedonski