ЕХФ сè уште молчи – случајот Алкалоид – АЕК останува без епилог

6

48 часа по скандалозниот прекин на реваншот во финалето на Европскиот Куп, Европската ракометна федерација (ЕХФ) сè уште нема донесено одлука за случајот меѓу Алкалоид и АЕК Атина.

Натпреварот што требаше да се одигра во Скопје не започна, откако ракометарите на грчкиот тим одбија да излезат на терен, наводно поради безбедносни причини.

Од ЕХФ кратко соопштија дека „ќе се огласат кога правната комисија ќе ја разгледа документацијата“ побарана од двата клуба.

Сомнежите за фаворизирање на АЕК не се нови. Истото сценарио се одигра и во полуфиналето против Партизан, кога Грците одбија да играат во Белград, по што натпреварот беше преместен на неутрален терен и одигран без публика.

Македонската јавност и ракометната фела очекуваат јасна и брза одлука – според правилата, непојавување на еден тим на терен носи службена победа за противникот. Доколку повторно се дозволи отстапка за АЕК, ЕХФ сериозно го ризикува својот кредибилитет.

Извори блиски до клубот Алкалоид велат дека играчите на АЕК не се појавиле на теренот поради закани од сопствените навивачи, а не поради каква било реална опасност од македонската публика или организаторите.

Сите погледи сега се вперени во правната комисија на ЕХФ. Ќе ја следи ли федерацијата сопствената регулатива, или уште еднаш ќе се наведне пред притисоците?

Makedonski