Народната банка објави Извештај за работењето 2018 – 2025: Стабилен денар, двојно зголемени девизни резерви и рекордно ниски нефункционални кредити

9

Народната банка го објави извештајот за работењето за периодот од 2018 до мај 2025 година, во кој се сумираат клучните активности, мерки и постигнувања на институцијата во време на сериозни светски и домашни предизвици, како пандемијата, енергетската и ценовната криза, геополитичките тензии и глобалната економска нестабилност.

Во воведното обраќање, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска посочува дека Народната банка со посветеност, професионализам и експертиза успеала да ја зачува и дополнително да ја зајакне макроекономската и финансиската стабилност на земјата. Таа нагласува дека, и покрај силните надворешни и внатрешни притисоци, денарот останал стабилен, додека девизните резерви се зголемени речиси двојно.

„Со макроекономска стабилност и одговорна монетарна политика, обезбедивме сигурност за граѓаните и поддршка за стопанството“, се наведува во извештајот.

Според Народната банка, банкарскиот систем во земјава денес е значително посилен отколку пред неколку години. Капиталната адекватност е на историски највисоко ниво, а нефункционалните кредити се на најниско ниво досега. Покрај тоа, кредитната поддршка за компаниите и граѓаните се реализира со каматни стапки кои за првпат во историјата се приближуваат до европските просеци.

Во извештајот се забележуваат и клучните стратегиски достигнувања на Народната банка во овој период. Македонија стана 18-та земја во светот што го прифати највисокиот статистички стандард на ММФ – СДДС Плус. ЕУ ја оцени регулативната и супервизорска усогласеност на земјата како позитивна, додека со влезот во СЕПА (единствениот европски платен простор) се создадоа услови за брзо, ефикасно и поевтино извршување на плаќања во евра.

Дополнително, Народната банка го воспостави првиот национален план за финансиска писменост и инклузија, со акцент на младите, жените и ранливите групи, донесе финтек стратегија и разви план за справување со климатските ризици.

Особено внимание привлекува и признанието од меѓународниот институт OMFIF, според кој македонската централна банка е највисоко рангирана во светот по родова застапеност во централното банкарство.

Извештајот го нагласува и високото ниво на транспарентност што институцијата го одржува, вклучително и добиените позитивни оценки од ММФ.

„Народната банка останува посветена на зајакнување на стабилноста, отпорноста и модернизацијата на финансискиот систем во интерес на граѓаните и економијата“, се вели на крајот од извештајот.

Makedonski