Илон Маск ја напушта администрацијата на Доналд Трамп
Американскиот милијардер и извршен директор на „Тесла“, Илон Маск, објави на социјалната мрежа X дека ја напушта својата функција во администрацијата на Доналд Трамп. Белата куќа потврди дека неговото заминување е во тек.
„Како што завршува мојот планиран ангажман како специјален владин претставник, би сакал да му се заблагодарам на претседателот Доналд Трамп за можноста да помогнам во намалување на непотребното трошење“, напиша Маск.
Тој додаде дека „мисијата на ДОГЕ“, позната како иницијатива за зголемување на ефикасноста во федералната влада, „ќе се засилува со текот на времето како што ќе станува начин на живот“.
As my scheduled time as a Special Government Employee comes to an end, I would like to thank President @realDonaldTrump for the opportunity to reduce wasteful spending.
The @DOGE mission will only strengthen over time as it becomes a way of life throughout the government.
— Elon Musk (@elonmusk) May 29, 2025
Како што објавуваат американските медиуми, иако во минатото самиот се нарекуваше „прв пријател“ на Трамп, Маск се повлекува ненадејно и без официјален разговор со претседателот. Одлуката, велат, била донесена на „високо ниво“.
Во рамки на 130-дневниот мандат, Маск доби невидена моќ за спроведување на реформи во американската влада, иако никогаш не беше избран од граѓаните. И Маск и администрацијата на Трамп потврдија дека ДОГЕ ќе продолжи да функционира по неговото заминување.
Пред неколку дена Маск отворено го критикуваше законот за даноци на Трамп и изрази незадоволство од реакциите на неговата програма за ефикасност. Тој го оцени ваквиот закон како „прескап“ и спротивен на неговата визија за рационална и ефикасна влада.
„Ситуацијата со федералната бирократија е многу полоша отколку што мислев. Знаев дека има проблеми, но ова е вистинска борба со ветерници“, изјави Маск за Вашингтон пост.
Тој исто така рече дека ДОГЕ било претворено во „жртвено јагне“ за сè што не функционирало во Белата куќа. Маск влезе во конфликти со неколку министри, а јавна расправија имаше со трговскиот советник на Трамп, Питер Наваро, кого го нарече „идиот“ поради неговото отфрлање на идејата за „нула тарифи“ меѓу САД и Европа.
Дополнително, Маск бил фрустриран од договорот меѓу Абу Даби и компанијата OpenAI, предводена од Сем Алтман, ривалот на неговата сопствена компанија за вештачка интелигенција. Според Волстрит Журнал, Маск се обидел да го спречи договорот ако неговата фирма не биде вклучена.
Според Њујорк тајмс, неговата „разочараност од политиката“ дополнително се зголемила по неуспехот на кандидатот за судија во Висконсин, за чија кампања Маск вложил 25 милиони долари.
И покрај заминувањето, Маск и ДОГЕ се смета дека ја намалиле државната администрација за речиси 12 отсто што е околу 260.000 од вкупно 2,3 милиони вработени. Главно тоа го направија преку отпуштања, исплати за доброволно пензионирање и други мерки, покажува анализата на Ројтерс.
Маск е човекот кој стои и зад распуштањето и укинувањето на Американската агенција за меѓународна помош, попозната како УСАИД.
Политичкиот ангажман на Маск предизвика протести, а некои инвеститори побараа тој да се повлече од владините обврски и повеќе да се посвети на компанијата „Тесла“.
Минатата година Маск вложи речиси 300 милиони долари во кампањата на Трамп и други републиканци, но овој месец најави дека драстично ќе го намали политичкото финансирање.
„Мислам дека направив доволно“, изјави тој на економски форум во Катар.
Иако им ветил на советниците на Трамп дека ќе донира 100 милиони долари за нивните организации пред изборите во 2026 година, Њујорк тајмс јавува дека парите сè уште не се исплатени.