Трамп му даде рок од две недели на Путин за мир во Украина

5

Американскиот претседател Доналд Трамп во средата изјави дека ќе знае „за околу две недели“ дали рускиот претседател Владимир Путин сериозно сака да ја заврши војната во Украина, што се толкува како поставување рок за дипломатско решение.

„Не можам да ви кажам сега, но ќе ви кажам за околу две недели. Ќе дознаеме дали нè влече за нос или не. Ако е така, ќе одговориме малку поинаку“, изјави Трамп пред новинарите во Овалната соба во Белата куќа на прашањето дали верува дека Путин е подготвен на мир.

Изјавата доаѓа во момент кога Русија ги засилува нападите врз Украина, во бран од најсмртоносните воздушни напади од почетокот на војната. За време на изминатиот викенд, руските ракетни напади врз Киев усмртија најмалку 13 лица, меѓу кои и деца, а повредени беа десетици. Нападите продолжуваат, без знаци на намалување, јави Би-Би-Си.

Од неделата наваму, Трамп неколкупати го нарече Путин „луд“ и го обвини дека „си игра со оган“. Неговите остри коментари доаѓаат по безуспешните напори на Белата куќа да постигне договор меѓу Москва и Киев, вклучително и по двочасовниот телефонски разговор меѓу Трамп и Путин пред една недела. По разговорот, Путин изјави дека е подготвен да работи со Украина на „меморандум за можен мировен договор“. Но, таков документ сè уште не е објавен, а веднаш потоа Русија лансираше стотици дронови и десетици ракети кон украинската престолнина.

Трамп претходно оваа година воведе осумдневна суспензија на американската воена помош и размена на разузнавачки информации со Киев, но не побара значајни отстапки од Русија. Белата куќа негира дека ѝ се умилкува Москва и истакнува дека сите санкции воведени за време на мандатот на Бајден остануваат на сила.

Реакцијата на Кремљ по последната објава на Трамп беше дека изјавите се резултат на „емоционално преоптоварување“. Советникот на Путин, Јури Ушаков, рече дека Трамп е „недоволно информиран“ за „терористичките напади кои Украина ги врши врз мирни руски градови“.

Во меѓувреме, германскиот канцелар Фридрих Мерц му соопшти на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Берлин ќе помогне во развојот на украински ракети со долг дострел. Москва предупреди дека укинувањето на ограничувањата за ракетниот дострел претставува опасен пресврт кој ќе ја отежне можноста за политички договор.

Трамп, соочен со тврдата позиција на Кремљ, ги ублажи своите првични барања па од повик за итен 30-дневен прекин на огнот (на кој одговори само Украина), сега бара самит со Путин. Сепак, руските барања пораснаа, вклучувајќи и предлози Украина да се откаже од делови од територијата кои Русија дури и не ги контролира, како и официјално признавање на Крим како дел од Русија.

Поранешниот американски амбасадор во Москва, Мајкл Мекфол, ваквите барања ги нарече „отровна пилула“ или стратегија за создавање услови кои Киев никогаш не би ги прифатил, со цел вината да се префрли врз Украина.

Војната, која трае повеќе од три години, досега одзеде десетици илјади животи и остави делови од истокот и југот на Украина во урнатини. Русија контролира околу една петтина од украинската територија, вклучувајќи го и Крим, анектиран во 2014 година. Претседателот Зеленски ја обвини Москва дека намерно го одолговлекува мировниот процес и дека сè уште го нема доставено ветениот меморандум по разговорите во Истанбул. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека документот е во „финална фаза“.

Makedonski