Тест на сирени за тревожење во Македонска Каменица поради симулациска вежба за поплава

2

Утре (31 мај), во 12:05 часот, на подрачјето на Општина Македонска Каменица ќе се активираат сирените за тревожење, во рамки на симулациско-командно штабна показна вежба со наслов „Поплава Македонска Каменица 2025“.

Како што информираат надлежните, ќе биде извршен тест со вклучување на системот за тревожење, кој ќе емитува сигнал за опасност од елементарни природни непогоди и други несреќи. Сигналот ќе трае 60 секунди и ќе се состои од два еднолични тона по 20 секунди, со еден завивачки тон од 20 секунди помеѓу нив.

Во 12:45 часот, повторно ќе биде активиран системот за тревожење, овојпат со сигнал за престанок на опасноста, кој ќе се емитува како едноличен тон во траење од 60 секунди.

Од Општината апелираат до граѓаните да останат смирени и да не паничат, бидејќи станува збор само за вежбовна активност, чија цел е унапредување на подготвеноста на институциите и јавноста за евентуални кризни ситуации.

Makedonski