Јакимовски со силна поддршка за Арсовска и критики за Владата: „Премиерот го влече народот за нос“
Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, изрази јавна поддршка за активностите што во моментот ги презема градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, повикувајќи на одговорност и фер пристап од централната власт во справувањето со урбанистичкиот хаос и дивоградбите.
Можеме да имаме забелешки за Арсовска, но не можеме да не ја поддржиме во ова што го прави сега. Таа јасно и документирано го прикажа она што сите го знаеме – каде се гради на диво, како се узурпира државно земјиште и како се злоупотребува законот за легализација.
рече Јакимовски.
Тој остро ја критикуваше Владата, особено премиерот Христијан Мицковски, за, како што рече, селективен пристап и политичка пресметка со оние кои не се дел од коалицијата.
Премиерот не влече никого за уши, туку го влече цел народ за нос. Наместо да се справува со масовното узурпирање на земјиште, вредно милиони евра, тој ја префрла одговорноста на градоначалничката. А токму Владата има надлежност за овие прашања.
посочи Јакимовски.
Тој ја обвини Владата за лицемерен однос, наведувајќи дека институциите не постапуваат по бројни случаи на бесправна градба и оштетување на државата, додека се конфискуваат објекти изградени од локалната самоуправа во интерес на граѓаните.
Министрите се отсутни кога треба да се постапи, но присутни кога треба да се удира по општини како Карпош, Центар или Крива Паланка. Законите очигледно не важат за сите еднакво.
додаде тој.
Градоначалникот изрази разочараност и од меѓународната заедница и правосудните институции, алудирајќи на сопствениот случај за кој, како што тврди, е осуден и покрај тоа што дејствувал во согласност со законот.
Во оваа земја, оние што работат по закон се осудуваат, а оние што градат без планови и не плаќаат комуналии – се амнестирани. Тоа не е правна држава, тоа е политички прогон.
рече Јакимовски.
Со овој став, градоначалникот на Карпош се приклучува на дебатата за урбанистичкиот хаос во Скопје и пошироко, ставајќи го фокусот на, како што вели, „селективната правда и игноранцијата од институциите“.