СДСМ: Зошто ВМРО-ДПМНЕ молчи за дивоградбите на Меџити и Ганиу?
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ја прозва ВМРО-ДПМНЕ и Владата предводена од оваа партија поради, како што велат, молкот за скандалите поврзани со нивните коалициски партнери – градоначалниците на Чаир и Сарај, Висар Ганиу и Блерим Беџети.
„ВМРО-ДПМНЕ со денови молчи за скандалите кои се објавуваат за нивните коалициски партнери Ганиу и Меџити. Зошто Владата досега не го ангажирала Државниот градежен инспекторат да интервенира и да санкционира, ако е вистина дека има преку 150 дивоградби во Општина Чаир?“, прашуваат од СДСМ во партиско соопштение.
Од СДСМ предупредуваат дека државата не смее да чека да се случи трагедија во нелегализирани и небезбедни објекти за да реагира, обвинувајќи ја Владата дека по секоја цена ги штити своите коалициски партнери.
„Бараме итно сите надлежни институции да излезат на терен и да ги проверат наводите изнесени од градоначалничката Данела Арсовска, која, како што е познато, е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ. Да се постапи без исклучок по однос на сите дивоградби“, се наведува во реакцијата.
СДСМ, исто така, ги обвини министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и премиерот Христијан Мицковски за селективен пристап во спроведување на правдата.
„Додека Тошковски и Мицковски имаат полна уста неселективност, молчат пред очигледен криминал во Чаир. Дали и тие се дел од шемата и поради тоа го штитат криминалот?“, прашуваат од СДСМ.
Партијата бара институциите веднаш да покажат доследност и да започнат со постапки за сите случаи на бесправна градба, независно од политичката припадност на инволвираните лица.