Израел ја прифати новата американска понуда за прекин на огнот во Газа, Хамас воздржан
Израел ја прифати новата американска понуда за привремен прекин на огнот со Хамас, соопшти Белата куќа во четвртокот. Претставничката Каролин Левит изјави дека Израел „ја поддржува“ иницијативата, која е дел од напорите на специјалниот претставник на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф, за ставање крај на војната и ослободување на преостанатите заложници, пишува Асошиејтед прес.
Од друга страна, Хамас реагираше воздржано. Високиот функционер на Хамас, Басем Наим, изјави за АП дека предлогот „не одговара на барањата на нашиот народ, пред сè запирање на војната и гладта“. Сепак, додаде дека движењето ќе го разгледа предлогот „со сета национална одговорност.“
Хамас претходно тврдеше дека постигнал општ договор со Виткоф за рамка што ќе доведе до траен прекин на огнот, целосно повлекување на Израел од Газа, испорака на хуманитарна помош и формирање политички независен палестински комитет кој би ја презел власта од милитантната група.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху одбива да ја заврши војната пред да бидат ослободени сите заложници и Хамас целосно разоружан или протеран. Тој најави дека Израел ќе ја контролира Газа на неодредено време и ќе овозможи „доброволна емиграција“ на дел од палестинското население, план што Палестинците и меѓународната заедница го отфрлија како можна повреда на меѓународното право.
Хамас, пак, бара траен прекин на огнот, целосно повлекување на Израел и размена на заложниците за палестински затвореници. Организацијата и натаму држи 58 заложници, од кои околу една третина се верува дека се живи.
Иако официјално не е објавен, извори од Хамас и Египет потврдуваат дека предложениот план предвидува 60-дневен прекин на огнот, за време на кој Хамас би ослободил 10 живи заложници и би вратил неколку тела на заложници, во замена за повеќе од 1.100 Палестинци во израелските затвори, вклучувајќи 100 осудени за смртоносни напади.
Секој ден, стотици камиони со храна и хуманитарна помош би влегувале во Газа, каде населението е доведено до работ на глад поради речиси тримесечната блокада.
Во замена, Израел би требало да ги повлече своите трупи на позиции од претходниот прекин на огнот во март и да се обврзе дека нема повторно да ги обнови нападите по ослободувањето на заложниците како што беше случај претходно.
Хамас и неговите сојузници на 7 октомври 2023 влегоа на територија на јужен Израел, убивајќи околу 1.200 луѓе и киднапирајќи 251 лице. Израел одговори со масовна воена кампања во која, според Министерството за здравство во Газа, загинаа над 54.000 Палестинци, главно жени и деца.
Голем дел од Газа е уништен, а околу 90 отсто од населението од два милиони луѓе е раселено и живее во шатори или напуштени училишта.
Хамас речиси целосно ја изгуби својата воена моќ и лидерство во Газа, но стравува дека ослободување на сите заложници без траен договор ќе резултира со нова офанзива и целосно уништување.
Израел, пак, стравува дека повлекување сега би му овозможило на Хамас да ја задржи контролата врз Газа и со време повторно да се вооружи.
Покрај тоа, политичките околности не му одат во прилог на Нетанјаху: неговите екстремнодесничарски коалициски партнери се заканија дека ќе ја урнат владата доколку се стави крај на војната. Таквиот исход би го направил Нетанјаху подложен на судски процеси за корупција и истраги за безбедносниот пропуст на 7 октомври.
Трајното решение за деценискиот израелско-палестински конфликт сè повеќе изгледа недостижно. Палестинците се политички ослабени и поделени, а израелската влада, најнационалистичка и најрелигиозна досега, цврсто се спротивставува на идејата за палестинска држава во Газа, Западниот Брег и Источен Ерусалим, територии што Израел ги окупираше во 1967 година.
Последните сериозни мировни преговори се распаднаа пред повеќе од 15 години.