Филипче најави нов кодекс за советници на СДСМ, ротација на мандатите и санкции
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави нови внатрепартиски правила за избор и однесување на советници и кандидати за градоначалници на претстојните локални избори.
На средба со Општинската организација на СДСМ во Аеродром, тој предложи систем на ротација на советниците со двегодишен мандат, по кој во втората половина од четиригодишниот период во советот би влегле следните од листата.
„Така ќе им дадеме шанса на двојно повеќе наши другари и другарки да бидат советници во рамки на четиригодишниот мандат. Тоа е фер и дава можност за поголема вклученост“, рече Филипче.
Тој најави и нов кодекс на однесување што ќе треба да го потпишат сите советници. Кодексот предвидува санкции за неисполнување на обврските и за соработка со градоначалници од конкурентни партии поради личен интерес.
„Дел од досегашните советници не си ја вршеа добро работата, дел соработуваа со градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ ама само за лични интереси. Тоа повеќе нема да се дозволи. Ќе има санкции за прекршување на кодексот“, потенцираше Филипче.
Во однос на изборот на кандидати за градоначалници, тој изјави дека ќе го поддржи секое решение што ќе дојде од базата.
„Вие во општинските организации најдобро знаете кој има капацитети и доверба кај граѓаните. Не сакам да наметнувам, туку да слушам“, рече тој.
Филипче упати и критика до актуелната локална власт во Аеродром, каде ВМРО-ДПМНЕ повторно го предлага досегашниот градоначалник.
„Се чудам како ВМРО-ДПМНЕ повторно го предлага актуелниот градоначалник на Аеродром. Полош градоначалник, според мене, Аеродром никогаш немал“, рече Филипче.