Контраспин: Технички грешки и ноти натежнаа на „транспарентниот и историски“ Договор со Британците
Како се случи верзијата на англиски јазик на Договорот со Обединетото Кралство да е потпишана од „потпретседателот на Република Северна Македонија“, функција што не постои во македонскиот правен систем? И зошто имало потреба од брзање, па техничката грешка на „историскиот Договор“, за којшто Мицевски спинува дека „сè било транспарентно“, да се исправа со размена на ноти меѓу двете држави.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски пред пленарната седница за Договорот со Велика Британија даде изјава во која го искажа следниот спин:
Спин: Сè е транспарентно, затоа што и придобивките се јавни и достапни за граѓаните. Повикувам на зрелост и конструктивност од опозицијата предводена од СДС и ДУИ. Ова не е договор на ВМРО-ДПМНЕ, туку на Македонија, за сите граѓани. Неговото отфрлање е одење против народот и интересите на Македонија
[Извори: Грид.мк; Скопјеинфо.мк – Датум: 28.05.2025]
Контраспин: Шефот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Мицевски оценувајќи дека Договорот со Обединетото Кралство (ОК) е историски, тврди дека сè што е поврзано со Договорот било транспарентно. Но, дали е тоа така, или Мицевски спинува и прикажува искривена слика во јавноста, гледана од аголот што ѝ одговара на неговата партија?
Аплауз од власта
Македонскиот парламент вчера доцна попладнето (28.05.2025 г.) го изгласа Законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, а власта го поздрави со аплауз (2:36:15 секунда од видеото) – „за“ гласаа 76 пратеници, 6 беа „ против“, воздржани немаше. Законот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник”.

Фото: Принтскрин Јутјуб видео Седница бр. 52 на Собрание
Што содржи документот?
Со Договорот за партнерство за реализација на инфраструктурни објекти земјава добива можност за заем од пет милијарди фунти, односно шест милијарди евра, од Обединетото Кралство. Договорот има осум членови што ја дефинираат рамката за соработка, а во анексот А се наведени проектите – реконструкција на болниците во Штип, Кичево, Куманово, Битола, како и во тетовско-гостиварскиот и во охридско-струшкиот регион, Универзитетскиот клинички центар и градските болници во Скопје, брза железница долж Коридорот 10, програма за развој на Коридорот 8, развој на капацитетите за сајбер безбедност и дигитална трансформација на Владата, како и развој на капацитетите за производство и пренос на електрична енергија.
Договорот е склучен за период од 10 години, со можност за раскинување со писмено известување 60 дена однапред, а според наведеното, прекинувањето нема да влијае врз веќе започнатите проекти. Во документот е нотирано дека за неговото спроведување ќе бидат одговорни пет министерства: за транспорт, здравство, енергетика, дигитална трансформација и надворешни работи и трговија.
Но, во овој Договор нема конкретни детали за ниту еден проект, не се знае под кои услови ќе се користат парите, ниту какви се роковите и каматите.
На ова од собраниската говорница предупреди поранешниот уставен судија, а сега пратеник од „Европскиот фронт“, Сали Мурати.
„Материјалите не беа доставени благовремено, а денес треба да одлучуваме за милијарди евра задолжување. Ова не е сериозен начин на работа за одлука од ваква важност. Морам да укажам на сериозни недостатоци на договорот – прво, финансиска неопределеност во договорот, ова е двостран договор, со обврски, тој не содржи ниту една конкретна цифра за каматните стапки, роковите, тука фалат битни елементи на договорот, роковите за отплата, не знаеме дали зборуваме за 2, 5 или 8 отсто камата, не знаеме дали роковите се 10, 20 или 30 години. Втората слабост е лимитот на кредитирањето, ограничување на пет милијарди фунти, проектот на брзата железница во соседните земји чинел повеќе од оваа сума и се прашувам дали овој лимит е реален за сите овие наведени проекти“, рече Мурати.
Најпроблематична, според него, е правната несигурност.
„Членот 6 од Договорот експлицитно вели: „не создава правни дејствија“. Ова се права и обрврски на сите страни, исклучува арбитража, судски постапки и упатување на трети страни за решавање на споровите. Доколку британската страна не ги исполни сите обврски, ние немаме правни механизми за заштита, можеме само дипломатски консултации да имаме. Ова создава правна асиметрија каде што силната страна нема ограничување, а ние немаме заштита. За „Бехтел“ договорот имаше арбитражни механизми, од ЕУ проектите имаат јасна правна заштита, ваква клаузула нема во ниту еден сериозен меѓународен договор. Вие се задолжувате во наше име и имате обврска да ни дадете отчет за граѓаните, со ова не предвидувате никаков надзор. Ние сега ќе гласаме и по ова немаме механизам да контролираме“, вели Мурати.
За волја на вистината за јавноста остана непозната каматата која ќе се плаќа на земените пари. Во моментот кога Собранието дебатираше за ратификацијата на Договорот со ОК, премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција кажа дека сега не може да се знае каматната стапка, бидејќи таа ќе се утврдува различно за секој проект. Одговарајќи на новинарски прашања рече дека тој очекува вкупната каматна стапка да биде пониски од 4,5 отсто, бидејќи Македонија ќе го користи британскиот кредитен рејтинг (ААА). Но, како што пишува Мета, се чини дека тоа не е сосема точно. Имено, по референдумот за излез од Европската Унија, кредитниот рејтинг на Обединетото Кралство агенциите го намалија на АА.
За тоа дека околу Договорот со ОК има непознаници и недостиг на транспарентност веќе реагираа од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата. Оттаму забележуваат за:
„Нетранспарентноста на процесот на преговарање на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти, односно како што го нарекува Владата „Договор Влада со Влада“. Ова е веќе втор договор од ваков тип, и исто како и договорот со Република Унгарија, се потпишува без претходно и навремено јавноста да биде информирана за деталите и условите кои се прифаќаат. “
Во врска со ова економскиот експерт Бранимир Јовановиќ, кој живее и работи во Австрија, уште пред потпишувањето на Договорот, во интервју за БИРН (20.05.2025) предупреди дека јавноста се става пред свршен чин.
„Колку се проблематични ваквите проекти, најдобро се гледа од унгарскиот заем. И него го најавуваа помпезно уште пред да стапат на власт, ги криеја деталите од очите на јавноста, не консултираа ни професори, ни невладини, ни никој во процесот. И сега, една година откако беше најавен заемот, не гледаме ама баш ништо од него. Тоа мислам дека ќе се случи и сега. Ќе се тресе гората неколку месеци, а нема ни глувче да се роди.
Сега ова се претставува како стратешко партнерство со Британија, што дава доза на сериозност, ама ни тоа не е гаранција дека навистина ќе има инвестиции од пет милијарди фунти. Од она малку што беше споделено со јавноста може да се заклучи дека договорот само дава основа за соработка во висина до пет милијарди фунти, ама не и дека навистина има проекти во целиот тој износ.
И мислам дека токму ова е главната причина за нетранспарентноста и за неинклузивноста – ако се знаат деталите и ако се вклучени стручни независни лица во процесот, владата нема да може да продава приказни од кои на крајот нема да има ништо“, смета Јовановиќ
Така што, не е баш како што тврди Мицевски дека „сè е транспарентно“, токму затоа се и реакциите и сомнежите во јавноста
Договор за стратешко партнерство или Договор за партнерство за реализација на инфраструктурни проекти?
Пред собраниската седница координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ побара конструктивност од опозицијата и апелираше таа да гласа за Договорот, којшто Владата го достави до Собранието доцна попладнето на 27 мај.
„Ние ги повикуваме да се приклучат на овој еден голем да речеме историски момент, а тоа е Договорот за стратешко партнерство. Фигуративно ќе кажам, возот е тргнат може да се качат ако сакаат. Мислам дека ова е последната станица на која можат да го фатат приклучокот“, рече Мицевски.
Но, Договорот што на 22 мај во Лондон го потпишаа заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и британскиот министер за извоз, Гарет Томас, нема назив Договор за стратешко партнерство, туку Договор во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти. Или поточно, како што е целиот назив:
„Договор меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти.“
Што, секако не е исто.
Опозицијата смета дека ова го прави Договорот ништовен, додека за власта тоа е само техничка грешка.
„Ако ги погледнеме двете верзии, посебно ако ја видиме англиската верзија, каде што е потпишан договорот, ова е ништовен документ. Зошто е ништовен документ? Затоа што пишува дека го потпишал ‘Vice President of the Republic of North Macedonia’. Значи, ние како држава немаме потпретседател на Република Северна Македонија. На таква функција последен беше Љупчо Георгиевски. А во македонската верзија стои дека го потпишал ‘Заменик-претседател на Владата на Република Северна Македонија’. Ако е вака, тогаш нема апсолутно важност ваков еден договор — или спогодба, како сакате наречете го — и тоа ќе мора да се исправи“, смета Спасовски
Заменик-министерот за надворешна политика и надворешна трговија, Зоран Димитровски, пак, уверуваше дека во случајот станува збор за техничка грешка само во англиската верзија и дека тоа може лесно да се поправи со размена на ноти меѓу двете држави.
„Според мене, она што успеав да го забележам од потписот е настаната техничка грешка во делот на англиската верзија, не и во македонската којашто има соодветен превод и на англиски, туку во англиската. Овие прашања се разрешуваат на тој начин што, фактички се разменуваат ноти и се поправа таа техничка грешка. Инаку, јасно е дека во име на Владата на Република Северна Македонија Договорот го има потпишано вицепремиерот (Александар Николоски)“, рече Димитровски
Само, сепак, нејасно е зошто имало потреба од брзање, па сега „техничката грешка на историскиот Договор“, за чие ратификување заменик-претседателот на Владата, Николоски гордо се пофали на Фејсбук, да се исправа со размена на ноти!