Маск си замина од администрацијата на Трамп со модринка на окото и ветување дека ќе остане „пријател и советник“

3

Милијардерот Илон Маск вчера во Белата куќа официјално се прости од својата улога како шеф на Одделот за владина ефикасност (ДОГЕ), каде важеше за клучна фигура во политиката на кратење на трошоци во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Како што објави Агенцијата Франс прес, со видлив модринка на десното око и облечен во маица со натпис „Dogefather“, Маск ги отфрли низата обвиненија за прекумерна употреба на кетамин и други психотропни супстанции, и порача дека ќе остане „пријател и советник“ на Трамп.

„Со нетрпение очекувам да продолжам да му бидам пријател и советник на претседателот“, рече Маск додека Трамп му врачи симболичен златен клуч од Белата куќа, истакнувајќи ја неговата „неверојатна служба“.

Претседателот додаде дека Маск „всушност не си оди“ и ќе биде присутен „повремено“, оценувајќи дека ДОГЕ спровел „најсеопфатна владина реформа во последниве генерации“.

Иако Маск тврдеше дека модриката ја добил „на шега“ од својот петгодишен син. Но, неговиот необичен изглед и објавите на Њујорк тајмс поттикнаа дополнителни шпекулации. Весникот објави дека Маск консумирал кетамин, екстази и печурки со халуциногени ефекти за време на изборната кампања во 2024 година, при што наводно развил проблеми со мочниот меур.

Маск негираше директно и ја нападна медиумската куќа: „Дали тоа е истата редакција што доби Пулицерова награда за лажното известување за Русијгејт?“, изјави тој и побара да се премине на следното прашање.

Неговата ДОГЕ, која беше промовирана како храбар чекор кон буџетска дисциплина, отпушти десетици илјади вработени, затвори цели агенции и драматично ги намали странските донации. Но, целта на Маск да заштеди 2 илијади милијарди долари остана недостижна. Според Белата куќа, заштедата изнесува 170 милијарди долари, додека независни извори како Doge Tracker наведуваат само 12 милијарди, а магазинот The Atlantic дури и помалку, само 2 милијарди заштеда.

Маск, кој од почетокот беше постојано присутен покрај Трамп, во Белата куќа, на Air Force One, па и во клубот Мар-а-Лаго, деновиве изрази незадоволство од новите даночни планови на Трамп кои, според него, ги поткопуваат реформите на ДОГЕ.

Во меѓувреме, и неговите компании се соочуваат со предизвици. Тесла се бори со пад на продажбата и протести, додека SpaceX претрпе неколку неуспешни лансирања. Акционери веќе бараат Маск да се врати фокусирано на својата улога на извршен директор.

Makedonski