Милутин Ристески: Доста со спинови – вистината е јасна и транспарентна

55

Во текот на вчерашниот ден некои веб портали пренесуваа статии во кои се вели дека „претседателот на СДСМ „признал“ дека советниците работеле за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ и дека СДСМ се распаѓал“.

Во тој контекст претседателот на Општинската организација на СДСМ од Аеродром, Милутин Ристески, преку Фејсбук статус ја објасни ситуацијата „на широко и долго“:

Во однос на тезите кои вчера се провлекоа на „куртон“ порталите на ДПМНЕ дека советници во Аеродром соработувале со градоначалникот, а СДСМ се распаѓал и слично. Дечки, а бе до кога со спинови на бајати вести? Седниците на Советот се јавни (освен последната и уште 6-7 од вкупно 56 одржани во овој мандат). Сѐ се гледа на снимките.
Не соработуваат, туку уште полошо, тројца советници од тогашната коалиција на СДСМ отворено му се приклучија на мнозинството на ДПМНЕ. Советникот на ПЕП 21 (Десница) од првиот ден, цели 3 години, до пред 2 месеци гласаше со ДПМНЕ. Советничката на Демократски сојуз цела година гласа со ДПМНЕ. И советникот на НСДП (кој премина во ЗНАМ) веќе неколку месеци гласа со ДПМНЕ. Сите овие влегуваат во категорија на „грешки од минатото“ и недоволно мудрата коалициона политика на СДСМ во тоа време.
Значи овие не соработуваат под маса, овие најтранспарентно напуштија една коалиција и преминаа во друга. Од нив еден отиде, па се врати во старото јато, а друг не само коалиција, туку смени и партија, трета по ред.
За разлика од овие, четворицата советници на СДСМ и советникот на ВМРО-НП немаат пропуштено седница на Совет, а да не им постават по неколку незгодни прашања на двајцата градоначалници на ДПМНЕ. Заради ваквите прашања видеата од повеќе седници денес не се јавно достапни, вклучително и последната од средата.
Моите драги соборци Вангелина, Сузана, Љупчо, Даниел и јас, на Митески и Муцунски во овој мандат им имаме поставено повеќе од 400 советнички прашања, имаме повеќе од 200 дискусии на различни теми, над 50 буџетски амандмани, над 50 изјави и соопштенија, уште толку остварени средби со граѓани, невладини организации, претприемачи, наставници, спортисти и културни работници. Со гордост можам да кажам дека во изминативе 4 години координирав една од најпосветените советнички групи кои во моментов функционираат во Македонија.
Затоа, на страна тоа гнасните раце од советниците. Најдете си други теми за паламудење. СДСМ во Аеродром допрва ќе ве боли. Ова до сега беше само загревање.
Ваквите информации од страна на медиуми блиски до владеачката партија се повеќе се лиферуваат откако ВМРО-ДПМНЕ ја објави првата листа на кандидати за градоначалници каде скоро 80% од предлозите се актуелните градоначалници кои планираат да бараат втор мандат од граѓаните.

 

 

 

Makedonski