ВМРО-Народна партија: Црквата треба да биде светилник – а не сенка на туѓи интереси.
Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) се наоѓа пред сериозен морален и институционален предизвик, откако јавноста беше изненадена од информацијата дека поранешниот амбасадор во Ватикан, Ѓоко Ѓоргевски, е замонашен од Архиепископот Г.Г. Стефан – и тоа како чекор кон негово поставување за нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија, без еден ден монашки живот, без послушание и без искуство во духовно раководење.
Се работи за една од највлијателните епархии на МПЦ-ОА, а целиот процес се одвиваше во тишина, без канонски консултации, без духовна подготовка, без јасна визија – и што е најважно – без одговорност кон верниците.
Ова поставување, тивко и со невообичаена брзина, отвора сериозни прашања:
-
Кој и какви центри стојат зад ваквата одлука?
-
Зошто се игнорираат духовници со децениско искуство, како постоечкиот викарен епископ?
Доколку оваа сценарио се реализира, МПЦ-ОА ќе се соочи со историски преседан: митрополит без монашки стаж и без реален духовен пат.
Тоа не е само канонски спорно, туку и опасно за духовниот легитимитет на целата црква.
Архиепископот Г.Г. Стефан, како духовен лидер, треба да знае дека довербата на паството се гради со искреност, канонска чистота и мудрост – а не со потези што личат на договарања зад затворени врати.
Денес, кога верниците очекуваат духовност, чесност и одговорност, МПЦ-ОА нема луксуз за да си игра со довербата.
Овој потег не е само контроверзен – туку тој е удар врз мисијата на црквата.
Па сходно на тоа логични се прашањата:
Дали Македонската правослвна црква е духовна институција или пазар за лични агенди?
Дали Македонската православна црква го слуша гласот на своето стадо или работи по диктат од надвор?
Во време на духовен и општествен метеж, црквата треба да биде светилник – а не сенка на туѓи интереси.
(интегрален текст од соопштение на ВМРО-Народна партија)