Бигорски манастир: Замолуваме да не биде изгубено од вид единството на МПЦ-ОА, тоа е над сè
Откако поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан го номинираше новоизбраниот монах Георгиј за нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија, што предизвика негодување кај дел од православните верници, со своја реакција по првпат се јави и Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“, чиј игумен, епископот Антаниски Партениј, според дел од верниците, треба да е изборот за нов дебарско-кичевски митрополит.
-Поттикнати од јавните бранувања, објавите по медиумите и социјалните мрежи и од неодамнешните јавни собири во врска со назначувањето на митрополит на Дебарско-кичевската епархија, чувствуваме обврска да се обратиме со зборови на љубов и духовно расудување.
Благодарни сме што верниците, постапувајќи според својата загарантирана слобода, самоорганизирано ја покажуваат својата грижа и љубов кон Црквата. Таа грижа сведочи за нивната жива вера и за длабоката поврзаност со Црквата, како и кон нивната ревност кон црковните преданија.
Но, во овој момент, со длабока љубов замолуваме да не биде изгубено од вид она што е над сè: единството на нашата Света МПЦ-ОА. Тоа е почетокот и крајот на сè. Тоа е темелот врз кој почива нашето заедништво, нашиот мир и секоја наша духовна надеж!
Сосема е разбирливо што постојат различни мислења и чувства во Црквата, кои јавно се изразуваат. Секој поискусен духовник би го разбрал тоа како конструктивна дебата внатре во семејството, каде што членовите се љубат и кога мислат различно и се спорат околу нешто. Сепак, за тие теми постојат и други начини: Светиот Синод, внатрецрковен дијалог и советувања со засегнатите страни. Потоа, во духот на плурализмот кој го негува Црквата, не треба да биде исклучена појавата на јавни дебати, конструктивни дијалози, испитување на јавното мислење и слично. И сето тоа со доверба во Божјата промисла и најважно од сѐ со почит кон канонскиот поредок.