7 километри за 7 децении активен живот, успеси и спортски достигнувања – Бале Брзи го прослави својот 72 роденден
Дека со малку труд и огромен ентузијазам може да се направат големи дела покажува и ентузијазмот на атлетичарот Благоја Ацковски или познат помеѓу скопјани како Бале Брзи.
Бале Брзи кој важи за еден од највозрасните атлетичари кои активно се занимаваат со трчање веќе втора година организира роденденска трка во должина од 7 километри. Оваа спортска традиција започнува на неговиот 70-ти роденден каде заедно со своите пријатели организираат спортски настан на кој учествувале над 100 учесници од цела Македонија.
Благоја Ацковски е роден на 28-ми мај, 1953 година во с. Горно Лисиче каде и денеска живее. Уште во основно и средно училиште, како што умее да каже, бил меѓу најбрзите во одделението. Како средношколец два пати освоил второ место на ниво на град Скопје.
Во средно гимназија се зачленил во АК Вардар па после една година и во АК Работнички. После тоа Бале го надвасуваат обврските како војска, женидба па морал на „пауза“ од трчање.
На 59 години многумина го забавуваат темпото – но Бале тогаш штотуку почнал.
Се приклучува во ПК „Кораб“ и почнува да ги освојува планините на Македонија и Бугарија. Секој врв, секоја патека, секој здив – била нова страница од еден живот што дури тогаш вистински започнал.
Планинарењето било само прв чекор. Желбата за брзина и предизвик го натерала да облече патики и на 63 години повторно да почне да трча. Од Водно до Матка, од Шара до патеките на „Крали Марко“ – Бале Брзи не само што трча, туку остава трага.
– „Прв до врв“ го трча под 50 минути.
– На трки од 30км до 60км – редовно е меѓу првите.
– Маратонот „Водно-Матка“ го завршува за 7 часа – меѓу топ 15.
– Истрчал 100+ полумаратони, 10-тина маратони и безброј трки низ екс-Југославија и Бугарија.
По пензионирањето во 2017 година, многумина би се одмориле. Бале – тргнал напред. Со срце поголемо од секоја планина и чекор што не запира.
Роденден? Да, ама на 7 км!
Кога ќе прославите 70 години и нагоре, повеќето луѓе прославуваат со тивка вечера или семејно собирање. Но не и Бале Брзи.
Тој ги одбележува своите родендени со – роденденски трки!
Трките се одржуваат покрај кејот на Вардар, симболично долги 7 километри – по еден за секоја деценија живот исполнет со движење, пријателства и спортски подвизи.
И што е невообичаено и автентично во исто време, победниците на трките добиваат награди од лично производство на Бале – 5 кг лешници за прво место, 4 за второ, домашно изработени џемови, компоти, итн.
Во 2024 година советникот од Општина Аеродром, Даниел Самарџиски поднесува иницијатива до општината за доделување на признание на Благоја Ацковски заради промоција на спортот и здравиот живот, а веќе оваа година пред неговиот 72 роденден општината ја усвојува иницијативата и му го додели заслуженото признание на Бале Брзи.
Скромен во своите излагања за себе, мотивиран за уште повеќе успеси во иднина со пораки кон секој кој ја поседува оваа пасија за здрав живот да не се откажува и да верува во своите способности, бидејќи секој еден може, ако сака и верува.
И за крај, Бале Брзи не брои години. Тој брои километри и секој километар за него е празник.