Тетовскиот Монопол „замина“ во историјата

169

Еден од препознатливите објекти на градот Тетово со локација на самиот влез, тетовскиот Монопол, денеска беше срушен и со тоа официјално градското јадро остана без препознатливата жолта зграда која долго време после згаснувањето на комбинатот зјаеше празна.

Низ годините со неа се поврзуваа многу приказни, и уште толку „идеи“ за нејзино преуредување и пренамена, нови населби, трговски центри, универзитет но никогаш не се реализираа таквите амбиции на поединци.

Последен пат иницијативата „Тетово сака парк“ поднесе барање да целиот простор во и околу Монополот се преуреди и претставува голем градски парк, нешто што Тетово загуби со преуредувањето на плоштадот и единственото зелено парче каде што можело некогаш да се ужива беше забетонирано.

Тогашните, а и сегашните градски власти немаа слух за таквиот предлог па парцелата сосе зградата на Монополот, кој од денеска не постои, ќе се искористи за изградба на нова населба покрај која, според властите, би требало да содржи и парк.

За некого убав спомен, за некои лош но жолтата зграда на Монополот беше и ќе остане една од најпрепознатливите точки во градот.

 

Makedonski