Што бара Русија од Украина во својот меморандум за мир?

4

Руските преговарачи ѝ предале на украинската делегација меморандум за мир со две потенцијални рамки за завршување на руската целосна инвазија врз Украина, на разговорите во Истанбул во понеделникот, пишува Москоу тајмс (Moscow Times).

Овие предлози, објавени од руските државни новински агенции, претставуваат најнов обид на Москва да ги наметне своите максималистички услови за крај на повеќе од тригодишната војна.

Првата предложена рамка бара Киев целосно да се повлече од регионите Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, територии кои се делумно под руска окупација, но кои Москва ги смета за свои. Прекин на огнот во траење од 30 дена би стапил на сила веднаш штом започне повлекувањето на украинските сили, стои во меморандумот. Украина исто така би требало да ја премести својата војска на договорена оддалеченост од руската граница.

Втората опција, наречена „пакет-предлог“, не бара експлицитно капитулација на овие четири региони, но содржи широк список на барања.

Меѓу нив се:

  • Итна забрана на мобилизацијата во Украина и започнување процес на демобилизација;
  • Прекин на целата странска воена помош, споделување разузнавачки информации и сателитска поддршка за Киев;
  • Гаранција дека нема да се спроведуваат саботажи на руска територија.

Овој предлог, исто така, предвидува:

  • Двострана амнестија со ослободување на цивилни притвореници на двете страни;
  • Организирање претседателски и парламентарни избори во Украина во рок од 100 дена по укинувањето на воената состојба;
  • Повлекување на странски воени лица од територијата на Украина и ограничување на движењето на украинските сили, освен за нивно повлекување од пограничните области.

Според извор на Интерфакс упатен во преговорите, состанокот меѓу делегациите се одржал по 2,5-часовна средба лице-в-лице меѓу украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров и советникот на Кремљ, Владимир Медински. Изворот ја опишал средбата како значаен чекор за поставување на тонот на пошироките преговори.

Меморандумот на Москва содржи повеќе долгогодишни барања на Кремљ, од кои многу се неприфатливи за Киев и неговите западни сојузници. Меѓу нив се:

  • Меѓународно признавање на рускиот суверенитет врз окупираните украински територии, вклучително и Крим;
  • Формален ангажман на Украина дека нема да се приклучи на ниту еден воен сојуз или коалиција;
  • Службен статус на рускиот јазик во Украина;
  • Укинување на сите постоечки санкции меѓу двете земји и обврска за непоставување нови;
  • Обнова на транзитот на руски природен гас преку Украина и повторно воспоставување целосни економски, дипломатски и транспортни односи;
  • Меѓусебно откажување од барања за воени оштетувања;
  • Ограничувања за големината и структурата на украинската армија;
  • Забрана за „глорификација или промовирање на нацизмот и неонацизмот“ и расформирање на националистичките партии;
  • Потврда за ненуклеарен статус на Украина;
  • Укинување на правните ограничувања за Украинската православна црква поврзана со Московската патријаршија.

Украинските власти официјално не се изјаснија за меморандумот, но министерот за одбрана Рустем Умеров преку објава на Твитер даде увид во украинската позиција и текот на состанокот.

„Го информирав претседателот на Украина, Володимир Зеленски, за денешната средба со руската страна во Истанбул. По враќањето во Киев, ќе ги презентирам руските предлози кои беа доставени дури денес, директно за време на преговорите“, напиша Умеров.

Тој додаде дека украинската страна настапила јасно и доследно, презентирајќи ги позициите формулирани од претседателот Зеленски. „Една од клучните точки е безусловен прекин на огнот од најмалку 30 дена. Тоа е наш принцип и ставот на нашите партнери веќе со месеци. Русија и понатаму ја одбива дури и самата идеја за запирање на убивањето“, нагласи тој.

Според него, доставувањето на украинските документи било извршено однапред, додека рускиот „меморандум“ бил предаден за време на состанокот, што создадало услови кои го оневозможиле постигнувањето конкретни резултати.

„Изгледа дека руската страна повторно купува време и се обидува да создаде ‘дипломатски имиџ’ пред САД без реални дејства позади него“, вели Умеров.

Како единствен напредок од денешната средба, тој го истакна прашањето за ослободување на заробеници. Постигнати биле договори за:

  • Размена „сите за сите“ на тешко повредените и сериозно болните;
  • Размена „сите за сите“ на сите војници на возраст од 18 до 25 години;
  • Враќање на телата на паднатите борци – 6.000 за 6.000.

Дополнително, Украина ѝ предала на руската страна целосно потврден список на киднапирани украински деца. Дури и делумното враќање би претставувало хуманитарен чекор доколку Русија навистина сака мир.

„Предложивме и состанок на лидерите до крајот на јуни. Зашто само тие што навистина одлучуваат можат да донесат мир. Ако и ова се покаже како уште еден обид за купување време одговорот мора да биде јасен: построги меѓународни санкции“, заклучи министерот Умеров.

„Украина стои цврсто на принципите на сила, правда и здрав разум. Ние сакаме мир. Но не по секоја цена. И не под услови на агресорот“, додаде тој.

Makedonski