Малолетник избоден во пресметка меѓу ученици кај хотел „Карпош“
Сериозен инцидент се случил утрово во близина на хотел „Карпош“, кога расправија меѓу две групи ученици прераснала во физички конфликт, во кој еден малолетник бил прободен со остар предмет.
Според информации од Министерството за внатрешни работи, инцидентот започнал со вербална расправија, по што дошло до тепачка. Во неа, еден ученик се здобил со убодна рана и бил итно пренесен во Градската општа болница „8 Септември“, каде му била укажана лекарска помош.
„Од ГОБ ‘8 Септември’ пријавено е дека кај нив е донесен повреден малолетник, ученик во СДУ ‘Ѓорги Димитров’, кој, според пријавеното, бил избоден со остар предмет во угостителски објект на територија на Карпош“, соопштија од МВР.
Полицијата работи на целосно расчистување на случајот и идентификација на сите вклучени лица. Очекувано е да следуваат и кривични пријави против одговорните.