ЕУ ги повикува Македонија и Бугарија на дијалог: Кос се нуди како посредник во решавање на спорот
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, им порача на Скопје и Софија дека е време да започнат интензивни разговори за надминување на билатералниот спор што го кочи македонскиот напредок кон членство во Европската Унија.
Обраќајќи се пред членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, Кос изјави дека е подготвена да посредува помеѓу двете земји, доколку тоа помогне во побрзо решавање на спорот. Таа подвлече дека „проширувањето е многу повеќе од технички процес – тоа е морална и стратешка неопходност за една посилна и побезбедна Европа“.
Дополнително, Кос откри дека Комисијата веќе работи на механизми со кои би се избегнало блокирање на кандидатките поради билатерални спорови, што веќе се покажа како значајна пречка во случајот со Северна Македонија.
Од македонска страна, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова изрази очекување дека утрешниот извештај за напредокот на земјата ќе ја прикаже реалната слика и напредокот направен досега.
Од бугарска страна, европратеникот Станислав Стојанов (Преродба) упати критики за наводна нетранспарентност во изработката на извештајот, обвинувајќи за скриени средби меѓу известувачите и македонските власти.
Неговиот колега Андреј Ковачев (ГЕРБ) повтори дека, според него, не постојат билатерални прашања, бидејќи тие веќе биле адресирани во преговарачката рамка и заклучоците од 2022 година, кои се прифатени и од двете страни.
Останува да се види дали најавениот извештај и евентуално посредништво од страна на ЕУ ќе донесат поместување во односите меѓу Скопје и Софија, кои со години се во ќорсокак поради историски и идентитетски разлики.