Вајц побара одложување на гласањето за извештајот за Македонија – обвинувањата од бугарските европратеници продолжуваат
Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, побара одложување на гласањето за годишниот извештај за напредокот на земјава, што предизвика остри реакции и во Скопје и во Софија. Иако ја нагласи својата цврста поддршка за содржината на извештајот, Вајц одлучи да даде време на бугарските европратеници, кои ја оспоруваат неговата работа, да ги евидентираат своите средби со лобисти во официјалниот регистар на ЕП.
Вајц, на почетокот на расправата во Комитетот за надворешни работи, истакна дека негов мандат не е решавањето на билатералниот спор меѓу Македонија и Бугарија, туку реален осврт на состојбите во државата. Сепак, нагласи дека билатералните односи и прашањата поврзани со правата на малцинствата се легитимна европска тема.
Со оваа одлука, Вајц реагираше на обвинувањата од бугарските пратеници, кои го обвинија за нетранспарентни контакти со македонски претставници, алудирајќи на влијание врз делови од извештајот – особено во делот каде се бара почитување и признавање на македонскиот јазик и идентитет. Тој возврати со информација дека токму бугарските европратеници имаат само три регистрирани средби со лобисти, укажувајќи на недоследност во нивната транспарентност.
Извештајот предизвика поделеност и во самиот комитет. Дел од европратениците, надвор од бугарската делегација, застанаа зад Вајц. Европратеникот Санчез Амор од редовите на социјалдемократите оцени дека извештајот е квалитетен, изрази жалење за кампањата полна со инсинуации против Вајц и предупреди дека не смее да се дозволи создавање преседан со политички притисоци врз ЕП од надворешни актери.
Спротивно на тоа, бугарските пратеници го поздравија одложувањето. Ивајло Валчев од партијата „Има таков народ“ го оцени потегот како „мудар и одговорен“, додека Станислав Стојанов од „Преродба“ побара истрага за, како што рече, нерегуларности при подготовката на документот.
Според досегашната пракса, ова не е првпат извештај за Македонија да биде одложен или дури и да не биде усвоен воопшто, што уште еднаш ја нагласува кревкоста на европскиот пат на земјава во сенка на билатералните недоразбирања.