Советот за безбедност на ОН ќе гласа за резолуција за прекин на огнот во Газа
Советот за безбедност на ОН денес ќе треба да гласа за резолуција со која се повикува на прекин на огнот и неограничен пристап до хуманитарна помош во Газа, објави Би-би-си.
Резолуцијата повикува на „итно, безусловно и трајно примирје во Газа, почитувано од сите страни“.
Исто така, се бара „итно и безусловно ослободување на сите заложници што ги држат Хамас и други групи“.
Претстојното гласање е првото во Советот за оваа тема од ноември, кога САД ја блокираа нацрт-резолуцијата за прекин на огнот со која се повикуваше на прекин на борбите.
Дополнително, центрите за дистрибуција на помош во Газа ќе бидат затворени денес откако израелската војска предупреди дека патиштата што водат до локациите ќе се сметаат за „борбени зони“ .
Хуманитарната фондација за Газа (GHF), контроверзна мрежа за помош поддржана од САД и Израел, која започна со работа минатата недела, соопшти дека ги затвора своите локации поради „работи за ажурирање, организација и подобрување на ефикасноста“.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) велат дека на луѓето ќе им биде „забрането“ да влегуваат во дистрибутивните центри или да патуваат по патиштата што водат до нив.
Ова се случува откако најмалку 27 Палестинци беа убиени од израелски оган во близина на дистрибутивен центар во вторник, според Агенцијата за цивилна одбрана предводена од Хамас.
Израелските одбранбени сили велат дека нивните војници пукале откако ги идентификувале осомничените кои се движеле кон нив „отстапувајќи од назначените пристапни патишта“.
ОН предупреди дека повеќе од два милиони луѓе се изложени на ризик од глад во Газа, по целосната израелска забрана за испорака на храна и друга помош што траеше 11 недели.