Комисијата не го прифати предлогот на Апасиев за надзорна расправа за трагедијата во Кочани

6

Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот не го прифати предлогот на пратеникот Димитар Апасиев за дополнување на дневниот ред со точка за надзорна расправа поврзана со трагедијата во Кочани. Како причина за одбивањето беше посочено дека веќе постои иницијатива поднесена до Комисијата за политички систем, но се чека завршување на истрагата и објавување на обвинителниот акт.

Пратеничката Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека нема против да се отвори расправа за настанот, но смета дека е правно и човечки коректно да се почека на завршување на официјалната истрага, за да има основа за аргументирана дискусија.

Собирањето потписи за расправа е во тек, но мора да почекаме правосудните институции да си ја завршат работата.

рече Стојаноска, додавајќи дека моментално нема потреба од паралелни процеси.

Предлогот на Апасиев беше одбиен со девет гласа против и три „за“.

Апасиев, кој е и претседател на Комисијата, во своето излагање посочи дека не смее да се премолчи трагедијата која има димензии што ги надминуваат националните рамки. Тој побара итна реакција од Собранието преку организирање барем надзорна расправа, со цел институциите да дадат одговори и да се утврдат евентуални политички одговорности.

Не можеме да се однесуваме како ноеви со главата во песок. Должни сме пред јавноста, освен правна, да дадеме и политичка проценка за тоа кој во изминатите години, без разлика на партиска припадност, направил пропусти.

изјави Апасиев.

Сепак, мнозинството во Комисијата остана на ставот дека е потребно прво да заврши истрагата, по што ќе се одлучува за натамошна расправа во парламентот.

Makedonski