Црна Гора ќе произведува дронови во партнерство со американска компанија – првата серија ќе оди за Украина
Црна Гора и американската компанија By Light Professional IT Services LLC постигнале согласност за заедничко производство на дронови, при што првата серија е наменета за донација на Украина. Писмото за намери, кое го потврдува овој договор, се очекува да биде потпишано во септември, објави порталот РИА Новости, повикувајќи се на документи објавени од црногорската влада.
Во документот, кој бил разгледан на владина седница на 29 мај, стои дека договорот вклучува инвестиции во производството на беспилотни летала (UAS), развој на капацитетите за тестирање и вооружување на дроновите, како и зајакнување на извозните можности на аеродромот во Подгорица.
Планирано е писмото за намери да го потпишат Ник Ѓелошај, вицепремиер и министер за економски развој, и Роберт Донахју, претставник на американската компанија.
Според документот, Владата на САД ќе ја поддржи оваа иницијатива преку програмата за странско воено финансирање (FMF), со средства од 15 милиони долари, додека Владата на Црна Гора ќе го обезбеди производствениот капацитет. Првиот произведен контингент од новата фабрика ќе биде дониран на Украина како дел од поддршката за НАТО и регионалната безбедност.
Иницијативата, како што се наведува, е во согласност со стратегиските цели на Црна Гора за поддршка на Украина, сојузниците во НАТО и развој на нови индустриски гранки. Планирано е да се вклучат и домашни добавувачи, како „Тара АероСпејс“ од Мојковац и „Полиекс“ од Беране.
Проектот ќе биде реализиран во координација со неколку министерства, меѓу кои за одбрана, финансии, екологија и внатрешни работи. Во документот се нагласува дека конфликтот во Украина ја зголемил потребата за вакви системи, а Црна Гора со ова ќе даде навремена поддршка и ќе придонесе за технолошки и економски развој во земјата.