Сила бога не моли – Алкалоид стана европски шампион по прв пат
Европската ракометна федерација (ЕХФ) по подолг период конечно донесе одлука за спорниот случај меѓу РК Алкалоид и АЕК Атина, поврзан со недоиграниот втор финален натпревар од ЕХФ Европскиот Куп. ЕХФ пресуди во корист на македонскиот клуб — трофејот оди во рацете на РК Алкалоид.
Оваа одлука следи откако грчкиот клуб одби да излезе на терен во Скопје, во знак на протест откако дел од нивните навивачи не беа пуштени да влезат во земјава. Македонското Министерство за внатрешни работи претходно ги врати навивачите на АЕК, поради безбедносни причини.
И покрај спорната ситуација, ЕХФ ја уважи спортската страна на приказната — Алкалоид на првиот финален натпревар во Атина славеше со 25-29, резултат кој го потврди нивниот квалитет и доминација.
Со оваа одлука, клубот предводен од Кирил Лазаров стигнува до својот прв европски трофеј — историски успех за македонскиот ракомет и за младата екипа на Алкалоид.