Салата на Работнички во Скопје ќе го носи името на Лазар Лечиќ
Спортската сала на Работнички во “Градски парк“ ќе го носи името на легендарниот Лазар Лечиќ. Ова денеска го кажа градоначалникот на Општина Центар, кој имал средба со поранешни кошаркари на Работнички и токму нив им го пренел овој негов предлог.
Секако и со право ако се знае што Лазо значеше за мак-кошарката, најмногу за Работнички кој под негово водство се издигна во најдобар македонски клуб во времето на екс – СФРЈ како и еден од најдобрите во некогашната земја, секако и сеуште најтрофеен во Македонија.
Инаку Лечиќ почина минатата година на 85 години.
Во „Апче“, во срцето на Дебар Маало се сретнав со нашите ветерани на Работнички Драган Радосављевиќ, Ристо Ѓорчевски, Томе Димишковски и Огнен Герасимовски. На средбата дискутиравме за славните денови на Работнички, за сегашните состојби и иднината на клубот.
Предложив реконструираната сала да го носи името на Лазар Лечиќ, творецот на македонската професионална кошарка, под чие водство Работнички ги освои титулите во 1963 и 1964 година и се пресели во Првата сојузна лига. Среќен сум што ветераните едногласно го поддржаа предлогот, велејќи дека Лечиќ е човекот што не научи да играме со срце и тимски дух. Во знак на благодарност за сѐ што направија, ветераните ќе имаат и своја ложа наменета токму за нив, напиша на своите социјални мрежи градоначалникот Герасимовски.