Ахмети повика на предвремени парламентарни избори заедно со локалните

5

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, од прославата во чаирската општина по повод 23-годишнината од основањето на партијата, повика на одржување на предвремени парламентарни избори заедно со локалните избори годинава.

Во своето обраќање, Ахмети нагласи дека политичките партии кои се дел од т.н. Европски фронт се во координација и дека заеднички настап на претстојните избори ќе донесе стабилно и успешно владеење на локално ниво.

„Во комуникација сме со сите конструктивни политички сили во земјава. На локалните избори ќе бидеме силен фронт, но и сме силно определени за предвремени парламентарни избори“, изјави Ахмети.

ДУИ ја искористи годишнината за да испрати и пораки за, како што велат, успешното дведецениско учество во институциите и застапување на интересите на албанската заедница. Во соопштението од партијата беше посочено дека Албанците денес се активни чинители на одлуките во државата, а како клучни симболи беа наведени изборот на прв Албанец на чело на Собранието и на премиерската функција во техничката влада.

Ахмети, во своето обраќање, ги критикуваше опозициските партии од коалицијата ВЛЕН, обвинувајќи ги за дискриминација, отстранување на Албанци од институции и неправилности во вработувањата.

„Добрите меѓуетнички односи се основа за стабилноста и просперитетот на државата. Затоа остануваме посветени на европскиот пат, но и бараме прочистување на институциите преку ветинг, процес што треба да започне од мене“, рече Ахмети.

ДУИ, која досега не доживеала изборен пораз, и понатаму се позиционира како главен политички играч меѓу албанскиот електорат, а со последните пораки повторно се наметнува како иницијатор на важни политички процеси во земјата.

Makedonski