Нов сој на COVID-19 се распространува – СЗО: нема место за паника, но будноста е клучна
Нов сој на коронавирусот, познат како COVID-19 NB.1.8.1, е идентификуван за првпат во Кина во јануари 2025 година, а на 23 мај Светската здравствена организација (СЗО) го класифицираше како варијанта под надзор, поради забележан раст на случаи на глобално ниво.
Според „Newsweek“, сојот се шири во повеќе региони на Кина, но е веќе откриен и во неколку сојузни држави во САД – вклучително Калифорнија, Њујорк, Вирџинија, Вашингтон, Хаваи, Охајо и Род Ајленд. Станува збор за случаи донесени со патници од странство.
Симптомите се слични, но може да варираат.
Иако вирусот се мутира и се адаптира, засега нема докази дека NB.1.8.1 предизвикува потешки симптоми од другите Omicron варијанти, изјави д-р Тајлер Б. Еванс, експерт по инфективни болести. Тој напомена дека најчести симптоми остануваат:
Воспалено грло
Затнат нос и течење
Кашлица
Умор
Главоболка
Температура или треска
Губење на вкус или мирис
Болки во мускулите
Мачнина или дијареја
Во потешки случаи – особено кај невакцинирани или имунокомпромитирани пациенти – може да се јават тешкотии со дишењето, болки во градите и потемнување на усните или лицето, предупредуваат здравствените власти.
„Нема простор за паника, но будноста е клучна“
„Вирусите си ја вршат својата работа – тие се менуваат. Нашата работа е да бидеме подготвени“, вели д-р Еванс. Тој повикува на доследно почитување на основните препораки:
Редовна вакцинација
Носење маска во затворени и преполни простории
Самоизолација при симптоми
Тестирање
Од СЗО информираат дека одобрените вакцини остануваат ефективни и против новиот сој. Засега нема индикации дека NB.1.8.1 предизвикува потешка клиничка слика, но се препорачува внимателно следење на епидемиолошките податоци.