НАТО нема врска со украинската операција во која се уништени руски бомбардери, а не нуклеарно оружје

5

Украина нападот го подготвувала година и пол и го извршила самостојно. Во операцијата не бил вклучен никој друг, а најмалку НАТО земји, како што тврди објавата, па оттука и не може да се каже дека НАТО е сега во војна со Русија. Исто така, во украинскиот напад не било уништено никакво нуклеарно оружје, туку се уништени авиони кои имаат капацитет да лансираат нуклеарни бомби. Овие авиони Русија ги користи за бомбардирање на украинските градови и села со конвенционални проектили и бомби, и Украина, според сите правила на водење војна, има право да се брани така што ќе ги онеспособи леталата кои се користат од страна на агресорот и тоа особено оние кои се користат за вршење воени злосторства, какви што се напади врз цивилни цели и цивили, пишува Вистиномер.

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

„НАТО земјите денес удрија врз нуклеарниот потенцијал на Русија, играјќи си со нуклеарен оган. Војната влегува во фаза 3, конфликтот од Украина вс Русија, преминува во НАТО вс Русија. Очекувам НАТО бази во наредните денови да бидат погодени, се извинувам уништени.“

На 1 јуни 2025 година, украинската Служба за безбедност (СБУ) потврди дека извршила голема операција со беспилотни летала на руските воени аеродроми, за која тврди дека уништила или оштетила 34 проценти од стратешките бомбардери што ги користи Русија за напади врз украинските градови. Операцијата, со кодно име „Пајажина“, предизвикала штета од околу 7 милијарди долари.

Дроновите биле насочени кон пет руски аеродроми: Белаја, Дјажилево, Олења, Иваново и неколку други во регионите Мурманск, Иркутск, Рјазан и Амур.

Според разузнавачки извори и локалните власти, украинските дронови „FPV“ биле лансирани од камиони паркирани во близина на воздухопловните бази. Тие уништиле или сериозно оштетиле голем број стратешки авиони што се користат секојдневно во бомбардирањето на украинските градови – вклучувајќи ги бомбардери Ту-95 и Ту-22М3, како и еден авион за рано предупредување и надзор А-50.

Украина нападот го подготвувала година и пол и го извршила самостојно, потврди украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Апсолутно брилијантен резултат. Независен резултат на Украина. Една година, шест месеци и девет дена од почетокот на планирањето до ефективното спроведување. Нашата најдалекусежна операција. Нашите луѓе вклучени во подготовката на операцијата беа повлечени од руска територија на време. Му се заблагодарив на генералот Малиук за овој успех на Украина. Ја задолжив Службата за безбедност на Украина да ја информира јавноста за деталите и резултатите од операцијата што можат да бидат откриени. Секако, не може сè да се открие во овој момент, но ова се украински акции што несомнено ќе бидат во учебниците по историја. Украина се брани, и со право – правиме сè за Русија да почувствува потреба да ја заврши оваа војна. Русија ја започна оваа војна, Русија мора да ја заврши. Слава на Украина!“, напиша Зеленски на Икс.

Значи, во операцијата не бил вклучен никој друг, а најмалку НАТО земји, како што тврди објавата. Акцијата „Пајажина“, како што потврди и самиот Зеленски била планирана изведена самостојно од страна на Украина, па оттука и не може да се каже дека НАТО е сега во војна со Русија.

Овa е познат про-Кремљ наратив што има за цел да ја оправда руската инвазија врз Украина што започна во 2022 година. Вистиномер многупати досега ги има дебанкирано информациите дека НАТО е во војна со Русија.

Факт е дека НАТО не војува со Русија, туку Русија изврши воена инвазија врз Украина во којашто загинаа голем број на цивили и војници на украинска територија.

На 24 февруари 2022 година Русија започна ракетни напади на локации низ цела Украина, вклучително и главниот град Киев. Руски копнени сили влегоа на украинска територија, по што претседателот на Украина, Володимир Зеленски одговори со воведување воена состојба, прекин на дипломатските односи со Русија и општа мобилизација. Оваа инвазија е најголем воен напад во Европа после Втората светска војна и е предмет на широка меѓународна осуда, како и санкции против Русија.

Русија ја нападна Украина и Украина има право да се брани. НАТО  ја осудува руската брутална и непровоцирана воена агресија кон Украина, која е независна и демократска држава и близок НАТО партнер. НАТО и сојузниците продолжуваат да ѝ даваат на Украина поддршка во нејзиното неспорно право на самоодбрана.

„НАТО помага да се координираат украинските барања за помош и ги поддржува сојузниците во доставување на хуманитарна помош. Членот 5 како безбедносна гаранција овозможува колективна одбрана и овозможува Алијансата да испраќа оружје за Украина без да ја загрози својата безбедност. Понатаму, добро оформената структура за заеднички стандарди на Алијансата и интероперабилни системи ѝ дозволува на Алијансата да доставува опрема со сигурност дека доставите до Украина може да се дополнат со компатибилна опрема од други сојузници. Индивидуални НАТО членки праќаат оружје, муниција и многу видови на лесна и тешка воена опрема вклучително со противтенковски и системи за воздушна одбрана, дронови и тенкови“, пишува на страницата на НАТО.

Што се однесува до тврдењето во објавата дека со украинската операција се удрило врз нуклеарниот потенцијал на Русија, играјќи си со нуклеарен оган и ова исто така е манипулација, бидејќи никој не уништил никакво нуклеарно оружје. Според информациите од украинските безбедносни служби, погодени биле најмалку 41 руски тешки бомбардери во четири воздухопловни бази. Нападите ги погодиле стратешките бомбардери Ту-95 и Ту-22, кои Русија ги користи за испукување ракети со долг дострел кон украинските градови.

Како што пишува Москва тајмс, повикувајќи се на извор во безбедносната служба на Украина, СБУ, координираните напади погодиле 41 авион што се користат за „бомбардирање на украинските градови“, наведувајќи ги стратешките бомбардери Ту-95 и Ту-22 и авионот за радарско откривање и командување А-50. Доколку се потврди, најголемата награда за Киев би можела да биде оштетување на А-50, кој Русија го користи за координирање на своите борбени авиони и откривање на украински ракети за воздушна одбрана, додава порталот во анализата.

Се смета дека помалку од 10 од овие авиони се во употреба. Ова би бил третиот што Русија го изгубила од целосната инвазија на Украина, а уште два беа соборени со ракети земја-воздух од Украина на почетокот на 2024 година.

Русија повеќе не ги произведува авионите Ту-95МС или Ту-22 М3 за кои се смета дека се меѓу запалените. Заедно со Ту-160, овие бомбардери со долг дострел се способни да носат 16 крстосувачки ракети способни да летаат над 2.000 километри.

Ова не беше само напад врз инфраструктурата на аеродромот. Тоа беше првпат украинските беспилотни летала да стигнат и да го погодат јадрото на стратешката авијација на Русија – база составен дел од нуклеарната тријада на Москва. Авионите Ту-95МС што горат на пистата не се само уништени авиони; тие се скршени симболи на воздушната компонента на рускиот нуклеарен арсенал.

Нуклеарната тријада е камен-темелник на стратешката одбрана на големите нуклеарни сили како Русија и САД, која се состои од три компоненти: интерконтинентални балистички ракети [ICBM], нуклеарни подморници и стратешка авијација. Оваа структура обезбедува флексибилност и отпорност во нуклеарниот арсенал, овозможувајќи напади од копно, море и воздух. ICBM, сместени во силоси или на мобилни платформи, обезбедуваат брз и моќен одговор.

Значи во украинскиот напад не било уништено никакво нуклеарно оружје, како што тоа сака да го прикаже објавата, туку се уништени авиони кои имаат капацитет да лансираат нуклеарни бомби. Овие авиони Русија ги користи за бомбардирање на украинските градови и села со конвенционални проектили и бомби и Украина, според сите правила на водење војна, има право да се брани така што ќе ги онеспособи леталата кои се користат од страна на агресорот и тоа особено оние кои се користат за вршење воени злосторства, какви што се напади врз цивилни цели и цивили.

Поради сето погоре можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме  е невистина.

Makedonski