МД „Илинден” побара од европратеникот Винче и од ЕФА да го поддржат Извештајот за Македонија

4

„Во име на македонското национално малцинство во Република Албанија, македонското друштво ‘Илинден’ – Тирана бара да го усвоите Извештајот за напредокот на Македонија кон Европската Унија во Европскиот парламент, кој го содржи долгоочекуваното признавање на македонскиот јазик и македонскиот идентитет“, се наведува во дописот.

Се додава дека „македонскиот јазик и македонскиот идентитет претставуваат рамноправен дел од културното и јазичното милениумско богатство на Европа”.

Исто така се нагласува дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик се историски факт во континуитет од пред новата ера до денес и дека „Европскиот парламент има историска должност и одговорност да ја прифати историската вистина како цивилизациска придобивка”.

„Македонците во Република Албанија убедени се во вашата поддршка и искажуваат голема  благодарност за вашето внимание и одлука. Завршувајќи го овој кус допис-барање, уште еднаш ви го искажуваме нашето највисоко почитување“, се посочува во дописот потпишан од Никола Ѓурѓај претседател на друштвото.

МД „Илинден” веќе 10.години е рамноправна членка на ФУЕН, највисока малцинска организација во Европа.

Како што изјави Ѓурѓај за МИА идентично барање друштвото испратило и до Европска слободна алијанса (ЕФА).

Од март минатата година полноправна членка во ЕФА е партијата на Македонците во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).

На Генералното Собрание одржано во Нант, Франција,  на почетокот на мај годинава ЕФА усвои резолуција за заштита на македонскиот идентитет во Албанија и во Бугарија.

Makedonski