САД испраќа 2.000 војници од Националната гарда во Лос Анџелес по судирите поради имиграциски рации

5

Администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, ќе испрати 2.000 припадници на Националната гарда во Лос Анџелес откако втор ден по ред се случуваат судири меѓу демонстранти и имиграциски агенти при рации на локални бизниси, јавува ЛА Тајмс.

Овој потег претставува сериозна ескалација во антиимиграциската политика на Трамп и предизвика загриженост кај властите во Калифорнија. Досега Националната гарда е распоредувана во ЛА само во исклучителни случаи, како протестите по убиството на Џорџ Флојд во 2020 и нередите по пресудата за Родни Кинг во 1992.

Последните судири се случија во изолирани делови на градот, меѓу кои и пред продавницата „Хоум депо“ во областа Парамонт. Очевидци за ЛА Тајмс велат дека биле употребени флеш гранати, солзавец, а имало и физички пресметки меѓу демонстрантите и полицијата.

Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, потврди дека федералната влада има намера да го преземе управувањето со Националната гарда на Калифорнија и да распореди 2.000 војници. Во соопштение тој истакна дека локалната полиција е веќе распоредена и не постои потреба од ваква интервенција која ја нарече „намерно провокативна“, предупредувајќи дека само ќе ги зголеми тензиите.

„Ова е погрешна мисија што ќе ја поткопа довербата на јавноста“, изјави Њусом.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, на неговата платформа Трут Соушал напиша дека федералната влада ќе го реши проблемот. Оваа негова порака беше пренесена на социјалнта мрежа X (поранешен Твитер) на официјалниот профил на Белата куќа.

„Ако гувернерот Гевин Њусом од Калифорнија и градоначалничката Карен Бас од Лос Анџелес не можат да си ја вршат работата, а сите знаат дека не можат, тогаш Федералната влада ќе се вмеша и ќе го реши проблемот, НЕРЕДИ И ОГРАБУВАЧИ, на начинот на кој треба да се реши!!!“, напиша претседателот Доналд Трамп.

Според Ервин Чемерински, декан на Правниот факултет на Универзитетот Беркли во Калифорнија, Трамп има овластување според Законот за бунт од 1807 година да ги федерализира единиците на Националната гарда на државите за да го потисне „секој бунт, семејно насилство, незаконско здружување или заговор“ што „го попречува спроведувањето на законите“.

Но, тој го нарече потегот многу вознемирувачки. Таквото распоредување обично се случува во „екстремни околности… Се чини дека ова беше ран одговор. И се плашам дека тоа е за да се испрати порака до демонстрантите за подготвеноста на федералната влада да користи федерални трупи за да ги смири протестите“.

Најсериозниот инцидент се случил во саботата во областа Парамонт, каде што протестот пред „Хоум депо“ преминал во насилен судир. Демонстрантите извикувале „ICE, оди си!“ и „Нема правда, нема мир“, по што следувала реакција од федералните агенти со флеш гранати и солзавец. Според сведоци, дел од демонстрантите фрлале камења и запалиле возило.

До 19 часот, околу 100 луѓе се собрале кај автопатот 710, каде повторно се фрлале камења и шишиња, а полицијата одговорила со солзавец. Двајца демонстранти биле уапсени под сомнение за напад врз службено лице, од кои едниот наводно фрлил молотов коктел.

Федералниот обвинител Бил Есајли соопшти дека повеќе од десет лица се уапсени поради попречување на акциите на имиграциските агенти. Министерството за внатрешна безбедност не даде изјава за бројот и идентитетот на уапсените.

Местото на судирот, Парамонт, е област со 82 отсто латино население. Граѓаните протестирале откако кружеле информации дека ICE врши рација на паркингот пред „Хоум депо“.

Градоначалничката на Парамонт, Пеги Лемонс, рече дека немало јасна комуникација со федералните служби и дека рацијата предизвикала „хаос и страв“ во заедницата.

Пратеникот во Собранието на Калифорнија, Хозе Луис Солаче, изјави дека бил присутен на протестот и дека федералните агенти фрлале канистри со солзавец кон толпата без предупредување. Тој се обидел да ги праша за нивната цел, но не добил одговор.

За време на протестите, демонстрантите запалиле американско знаме, некои развиориле мексикански знамиња, а други поставувале бетонски бариери долж булеварите. Еден федерален агент бил повреден од камен фрлен во неговото возило, а адвокати од организација за одбрана на имигрантски права изјавија дека агенти фрлиле солзавец кон нив додека барале увид во налог за претрес.

Државниот секретар за одбрана на САД, Пит Хегсет изјави дека може да распореди активни американски маринци од кампот Пендлтон во Јужна Калифорнија „доколку насилството продолжи“.

„Под претседателот Трамп, насилството и уништување против федералните агенти и федералните објекти НЕМА да се толерираат. Тоа е ЗДРАВ РАЗУМ“, напиша Хегсет во објава на социјалните мрежи.

Федералните служби најавуваат нови апсења базирани на видео-снимки. „Повеќе апсења за попречување на нашите операции. Следуваат повеќе. Ги разгледуваме видеата барајќи повеќе сторители. Вие носите хаос, ние ќе донесеме лисици“, напиша на социјалната мрежа X заменик директорот на ФБИ, Ден Боџино.

Makedonski