Израел ја запре „Флотилата на слободата“, приведени Грета Тунберг и други светски познати активисти
Израелската војска го пресретна хуманитарниот брод „Мадлин“ кој превезуваше храна, адаптирано млеко и медицинска помош за Појасот Газа. На бродот се наоѓаа активисти од коалицијата „Флотила на слободата“, меѓу кои климатската активистка Грета Тунберг, актерот Лијам Канингем и европратеничката Рима Хасан. Израелските власти ги приведоа сите членови на екипажот и ги однесоа на територија под нивна контрола.
Според официјалната изјава на коалицијата „Флотила на слободата“, нападот се случил во меѓународни води, во 3:02 часот по средноевропско време, на координати 31.95236° N, 32.38880° E. Организаторите тврдат дека војската на Израел незаконски го заземала бродот, ја конфискувала хуманитарната помош и ги „киднапирала“ волонтерите кои немале оружје и дејствувале исклучиво од хуманитарни мотиви.
„Израел нема правна надлежност да ги приведува меѓународните волонтери на бродот ‘Мадлин’“, изјави Хуваида Араф, адвокатка за човекови права и координаторка на мисијата. Според неа, оој чин претставува флагрантно кршење на меѓународното право и директно непочитување на обврзувачките одлуки на Меѓународниот суд на правдата, кои бараат непречен хуманитарен пристап до Газа.
Во официјалната реакција на организацијата се вели дека ова е „уште еден чин на агресија со целосна неказнивост“, потсетувајќи дека минатиот месец нивниот брод „Совест“ бил нападнат од израелски дрон во европски води, при што четворица цивилни активисти биле повредени.
Израелските власти, пак, тврдат дека бродот е дел од медиумска кампања со цел да се добие внимание, нарекувајќи го „селфи јахта со познати личности“. Министерот за одбрана Израел Кац изјави дека лично наредил да се спречи влегувањето на „Мадлин“ во Газа, а потоа наредил активистите да гледаат видеа од нападите на Хамас од 7 октомври 2023 година по нивното приведување во Ашдод.
Хамас го осуди нападот, нарекувајќи го „грубо прекршување на меѓународното право и напад врз цивилни доброволци“.
Во изјавата на коалицијата се наведуваат четири конкретни барања:
- Итен прекин на блокадата на Газа;
- Ослободување на сите приведени волонтери;
- Испорака на хуманитарна помош директно до палестинскиот народ;
- Целосна одговорност за воените напади врз бродовите „Мадлин“ и „Совест“.
„Ќе пловиме повторно. Нема да престанеме додека не заврши опсадата и Палестина не биде слободна“, се наведува во соопштението на „Флотила на слободата“.